Спринтот би можел драматично да ги промени молекулите во крвотокот и да придонесе за губење на масното ткиво.
Студија објавена на 13 август во списанието „Сел рипортс медицин“ покажа дека спринтот предизвикува промени кај повеќе од 200 метаболити. Доведува до нагол пораст на нивото на протеини што учествуваат во одговорот на организмот на вежбањето и влијае врз начинот на кој масните клетки користат енергија, реагираат на хормони и ја регистрираат достапноста на хранливите материи.
Истражувачите го испитуваа спринтот преку интервален тренинг на велосипедизам со висок интензитет. Конкретно, учесниците повторија шест серии од по 30 секунди возење велосипед со максимален напор, со четири минути одмор меѓу сериите.
Истражувачите, исто така, испитуваа подолга, но помалку интензивна физичка активност, во вид на 90-минутно возење велосипед со умерен интензитет. Утврдија дека умерено интензивното вежбање не предизвикало исти позитивни промени како спринтот.
Врски со дебелината и дијабетесот
- Нашиот труд е осмислен така што да испита дали различни видови вежбање предизвикуваат различни реакции на целиот организам. Тоа го проценувавме со мерење на многу голем број протеини, метаболити и липиди во крвотокот. Утврдивме дека тоа е навистина така - вели Пол Коен, еден од авторите на студијата.
Откако открија дека интензивната физичка активност влијае врз одредени протеини, истражувачите сакаа да дознаат повеќе за протеините врз кои влијаела. Споредувајќи ги своите резултати со податоците за повеќе од 53.000 луѓе во Велика Британија, успеаја да ги поврзат тие протеини со помал ризик од кардиоваскуларни и метаболички болести, како што се дебелината и дијабетесот. Особено беа изразени врските со дебелината и дијабетесот.
- Откривме дека многу протеини чие ниво се менува по спринтот се поврзани со помал ризик од дебелина и дијабетес тип 2. Нашите наоди укажуваат на тоа дека физичката активност делумно може да ги донесе своите придобивки токму преку регулација на овие протеини - вели д-р Коен.
Дали спринтот е најдобрата вежба за слабеење?
Иако студијата носи интересни сознанија за тоа како спринтот може да придонесе за цели како што е здравото губење на телесната тежина, таа не потврдува дека спринтот е најдобрата вежба за слабеење. Ниту дека луѓето треба да избегнуваат умерена физичка активност.
-Нашата студија не е осмислена да утврди кој вид вежбање носи најголеми здравствени придобивки. За тоа би била потребна многу поголема контролирана студија со долгорочно следење и процена на клиничките исходи - вели д-р Коен.
Џошуа Скот, лекар по спортска медицина, се согласува дека се потребни уште истражувања пред лекарите да можат да дадат универзална препорака за најдоброто ниво на интензитет на вежбање за сите луѓе.
- Потребни ни се подолгорочни студии за тоа како, на пример, спринтот би влијаел врз квалитетот на животот или долговечноста на некоја личност - додава д-р Скот.
Како да се вклучи вежбањето во рутината за слабеење
Физичката активност може да биде неизбежен дел од планот за луѓето што сакаат да ослабат. Многу лекови за слабеење, како агонистите на рецепторот на пептид сличен на глукагон 1 (ГЛП-1), се наменети за употреба заедно со зголемена физичка активност и исхрана со помал внес на калории.
Луѓето што сакаат да ги комбинираат ГЛП-1 лековите со здрава физичка активност можат да почнат со тоа што ќе ги истражат најдобрите онлајн даватели на услуги кои нудат лекови за слабеење, а потоа да разговараат со својот лекар за изработка на индивидуализирана програма за вежбање.
Добивањето медицински совет е клучно за решавање на прашањето како здравствените состојби или лековите можат да влијаат врз физичките способности.
- Ако 10 години не сте се занимавале со никаква посериозна физичка активност, не треба да почнете со спринт. Тоа е рецепт за повреда - вели д-р Скот.
Падовите, фрактурите или истегнувањето на мускулите се само некои од можните последици од спринтот кај личност која не е физички подготвена, додава докторот.
Фото: magnific