X
 22.10.2026 Образование

УКЛО продолжува да ги поврзува науката, образованието и бизнисот преку Отворен ден

На Факултетот за биотехнички науки, единица на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, на 21 октомври 2026 година, се одржа настан „УКЛО и пријателите“, организиран под мотото „Форум на УКЛО – Образование, наука, стопанство“. Со низа активности, презентации и дискусии, настанот ја нагласи важноста на соработката меѓу академската заедница, стопанството, институциите и граѓанскиот сектор. Централно место во програмата имаше изложбената прошетка „Expo Walk“, во чии рамки беа претставени единиците на УКЛО, КРЕДО Центарот, Регионалната стопанска комора, компании од бизнис-секторот и невладини организации.

1

Ректорот на УКЛО, проф. д-р Игор Неделковски, истакна дека Отворениот ден претставува можност за поширока промоција на научноистражувачката работа на Универзитетот, но и за поголема видливост на студиските програми од вториот и третиот циклус. Тој посочи дека во фокусот се научните проекти и нивната поврзаност со реалните потреби на стопанството, институциите и заедницата. Притоа, како особено значајна ја издвои промоцијата на магистерските, специјалистичките и докторските студии, нагласувајќи дека современите општествени и технолошки промени наметнуваат потреба од континуирано образование и потесна специјализација. Според ректорот Неделковски, додека додипломските студии обезбедуваат поширока основа на знаења, последипломското и докторското образование овозможуваат продлабочување на стручните компетенции и развој на научниот потенцијал. Тој ги повика сите заинтересирани кандидати да ги искористат можностите за запишување на студиските програми од вториот и третиот циклус, чии конкурси се во тек.

2

Кон значењето на вложувањата во образованието и подобрување на условите за студентите и академскиот кадар се осврна и заменик-министерот за финансии, Николче Јанкуловски. Тој оцени дека поврзувањето на високото образование со бизнис-секторот и институциите е важен предуслов за развој на регионот и државата. Јанкуловски посочи дека во изминатите две години се зголемени платите на наставниот и ненаставниот кадар на факултетите, а паралелно се реализираат активности за унапредување на студентскиот стандард. Меѓу нив ги наведе обновата и реконструкцијата на студентските домови, средствата за студентскиот оброк и стипендиите. Тој информираше и дека се обезбедени средства за инвестиции во студентскиот дом во Битола, се продолжува со реконструкција на факултетски објекти и со реализација на инфраструктурни проекти на универзитетите и универзитетските институти, вклучително и на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола.
Деканката на Факултетот за биотехнички науки – Битола, проф. д-р Елена Јошевска, во своето обраќање ја истакна важноста на заедничкото дејствување, размената на знаења и искуства и отворањето нови можности за соработка. Таа нагласи дека Факултетот е место каде што академската заедница, институциите и партнерите од различни сектори можат да ги обединат своите капацитети за унапредување на науката, образованието и општеството. На присутните им се обрати и заменик-градоначалничката на Општина Битола, Марина Крстиќ, со што беше потврдена и улогата на локалната самоуправа во развојот на партнерствата меѓу образовните установи, институциите и стопанството.

3

Посебен дел од програмата беше посветен на презентацијата на резултатите од проектот „Паметна платформа за следење на квалитетот и производството на функционални млечни производи (COW-TECH)“, финансиран од Министерството за образование и наука. Истражувачкиот тим на Факултетот за биотехнички науки, предводен од главниот истражувач Гордана Димитровска, ги претстави резултатите од проектот, со акцент на иновативните пристапи за следење на квалитетот и производството на функционални млечни производи. Презентацијата ја истакна важноста на научните истражувања за унапредување на прехранбената индустрија и примената на научните достигнувања во производствените процеси.

3

Во рамките на вториот панел, насловен „Универзитет – бизнис лабораторија: од знаење до примена – од дијалог до конкретна соработка“, се дискутираше за можностите за поефикасно поврзување на академското знаење со практичните потреби на компаниите. Во панел-дискусијата учествуваа Ирена Ристевска од „Кромберг и Шуберт“, д-р Орде Ѓорѓиоски од „Витаминка“ АД – Прилеп, д-р Тошо Чочороски од ХОТАМ, Марина Крстиќ од Општина Битола, како и професорките од УКЛО, Мила Арапческа и Билјана Трајковска. Разговорите беа насочени кон јакнење на соработката меѓу универзитетите и компаниите, размена на искуства и создавање услови за претворање на научните сознанија во конкретни решенија со практична примена.

4

Во реализацијата на програмата, конципирана од КРЕДО Центарот на УКЛО, активно учество зедоа и Студентскиот иновативен центар и Студентскиот претприемнички центар – SEC UKLO. Преку нивниот придонес беа промовирани студентски иницијативи од областа на иновациите и претприемништвото, вклучувајќи активности поврзани со Техничкиот факултет, Факултетот за информатички и комуникациски технологии и Ветеринарниот факултет.
Програмата ја модерираше проф. д-р Јасмина Буневска-Талевска, воедно раководителка на УКЛО КОЛОРС, а завршниот дел беше посветен на сесија за вмрежување, која им овозможи на учесниците да разменат идеи, да воспостават нови контакти и да ги разгледаат можностите за идни заеднички проекти.

3

Отворениот ден „УКЛО и пријателите“ се реализираше под боите на КОЛОРС  како платформа за дијалог и партнерство меѓу студентите, истражувачите, универзитетскиот кадар, стопанството и институционалните чинители. Настанот уште еднаш ја потврди потребата од посилно поврзување на образованието, науката и стопанството, со цел создавање нови можности за иновации, истражувања и одржлив развој.

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование