X
 23.09.2026 Образование

УКЛО, дел од Европската ноќ на истражувачите 2026 - науката се среќава со граѓаните

Во организација на Универзитетот „Св. Климент Охридски“ – Битола, градот и регионот ќе живеат со науката. Во рамки на Европската ноќ на истражувачи 2026, за посетителите од сите генерации се подготвува богат спектар од практични и интерактивни активности. Програмата започнува на 24 септември во 18 часот во Блисс Мол, каде што посетителите ќе имаат можност да се вклучат во бројни научни и интерактивни активности, меѓу кои и „лов на научно богатство“, што ќе се заокружи со симболични награди обезбедени од партнери и соработници. Преку „Корени и крилја“ на УКЛО КОЛОРС, Битола ќе ја посведочи својата научна метаморфоза – спој на традицијата, знаењето, креативноста и новите идеи.

Манифестацијата продолжува на 25 септември, кога ќе се одржи главната манифестација, исполнета со наука, истражување и уметност.

Централниот настан на 25 септември е во НУУБ „Св. Климент Охридски“ – Битола, со почеток во 11:30 часот. Посветен е на животот, делото и научното наследство на д-р Анастас Коцарев, македонски научник, пионер во радиологијата и онкологијата, чие научно дело се поврзува со неговата соработка со Марија Кири, во чија чест е дизајнирана 30-годишната програма за Европската ноќ на истражувачи и Истражувачи во школи, низ цела Европа.

Попладнето, од 16 часот па сè до полноќ, на Плоштадот Магнолија и на повеќе локации низ градот, благодарение на постојаната соработка со Општина Битола, граѓаните ќе имаат можност да бидат дел од бројни научни и уметнички активности. За искуството да се претвори во знаење, но и во спомени, младите новинари, заедно со Академскиот медиумски центар, ќе бидат дел од случувањата на терен – ќе интервјуираат, ќе снимаат кратки видеа со иновативниот пристап #Science4Reel и ќе продуцираат креативни промотивни материјали, како и научни прашања инспирирани од љубопитноста на граѓаните.

Европската ноќ на истражувачите е европска иницијатива посветена на приближување на науката и истражувачката работа до јавноста, создавање можности за директна комуникација со научниците и поттикнување интерес за науката, истражувањето и иновациите.

Активностите поврзани со Европската ноќ на истражувачи 2026 се реализираат во рамки на проектот CHOOSE SCIENCE – „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“, чиј координатор е Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

1

Инаку, во проектот покрај УКИМ, партнери се и Македонската академија на науките и уметностите, Универзитетот „Св. Климент Охридски“ во Битола и Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Во текот на неделата, во Битола, Штип и Скопје ќе се реализираат настани во различни формати и на различни теми – од интерактивни работилници, научни демонстрации и презентации, до изложби, панели, посети на лаборатории, разговори со истражувачи и други активности наменети за различни возрасни групи. На овој начин граѓаните ќе имаат можност директно да се запознаат со истражувачите и нивната работа, да поставуваат прашања, да споделуваат идеи и интерактивно да учествуваат во создавањето на наука.

Програмата за битолскиот регион, која е во организација на УКЛО, ги поврзува активностите на „Избери наука! Градење на општеството преку истражување и иновации“ со содржини и теми кои Универзитетот „Св. Климент Охридски„ - Битола ги реализира како дел од Европската универзитетска алијанса КОЛОРС, создавајќи синергија меѓу истражувањето, иновациите и европската универзитетска соработка. 

1

Целосната програма на Европската ноќ на истражувачи 2026 низ Скопје, Битола и Штип, со информации за активностите, локациите и термините, достапна е на веб-страницата на проектот: Програма на Европската ноќ на истражувачи 2026 .

Европската ноќ на истражувачи е можност науката да излезе од лабораториите и универзитетските простории и да стане дел од секојдневието на граѓаните – преку средби, разговори, демонстрации, прашања, идеи и заедничко откривање.

Придружете се на Европската ноќ на истражувачи 2026 во Битола на 24 и 25 септември 2026 – Изберете наука!

(Комерцијална објава)

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование