X
 22.11.2018 Живот

Додека Хрватска се бори со иселувањето, Дубровник добива нови жители

Иселувањето од Хрватска зема голем замав. Според официјалните податоци од хрватскиот Државен завод за статистика, од 2013 година до крајот на 2017 се иселиле околу 150.000 жители. Но, некои региони сепак добиваат уште жители, како Истра и Загреб, а во некои депопулацијата е многу помалку изразена отколку во други.

Најновите податоци на Заводот за движењето на населението по градовите откриваат дека во некои градови е забележан тренд на доселување на жители од други хрватски градови и од странство, во 2013 година во Хрватска се доселиле 62 илјади луѓе. За тоа се заслужни економскиот раст и работните места што се отвораат, пред сè во туризмот во приморските делови на земјата. Имено, дури девет од десет градa со најголем број доселени луѓе се крајбрежни, а само еден е во внатрешноста на земјата - Самобор.

Градот што најмногу привлекува доселеници и каде што во изминатите шест години (од 2011 до крајот на 2017 година) се доселиле 1.545 лица повеќе отколку што се отселиле е Дубровник, кој со овие бројки уште еднаш ја потврди титулата најдобар град за живот, што ја освои на неодамнешен избор за најдобри градови.

Втор на листата, според податоците на Заводот, е градот Каштела, чиј број на жители се зголемил за 1.345, а потоа следуваат Солин, со дополнителни 1.299 жители, Водице (612), па Умаг (562). Следни се Крк, Пореч, Новаља, Супетар и десетти е Самобор.

Фото: Jutarnji

Дубровник е град кој привлекол најмногу луѓе и од Хрватска и од странство. Се доселиле повеќе луѓе отколку што се иселиле. Градоначалникот на овој град, Мато Франковиќ, вели дека тоа се многу охрабрувачки податоци со кои можат да бидат задоволни.

- Дубровник нуди многу можности за вработување и остварување на личните планови на поединците и младите семејства. Сепак, најголем предизвик е стекнувањето сопствен простор за живот. Затоа Градот Дубровник разви изворно дубровнички модел за изградба на станови со десетгодишен наем по поволни услови и можност за откуп по изминувањето на тој рок, а неодамна започна и изградбата на првите 43 стана по тој модел. Становите се наменети за граѓаните што го немаат решено станбеното прашање. Но, поради големиот прилив на работна сила, првенствено во туризмот, најголем предизвик за иднината е нивното квалитетно сместување. Дел од проблемот ќе се реши со изградба на студентски дом во Дубровник бидејќи ќе се ослободат значителен број станови. Верувам дека во иднина Дубровник ќе биде уште попосакуван за работа и живот, но и за студирање - истакна Франковиќ.

Градоначалникот на Каштел, Денис Ивановиќ, пак, истакнува дека неговиот град освен поради добрата географска положба, пожелен е и поради новите демографски мерки со кои градот сака да ги задржи младите.

- Само оваа година вложивме милион куни во изградба и опремување на новата детска градинка, а го зголемивме и кофинансирањето на градинките. Исто така, ја зголемивме и еднократната помош за четвртото и секое следно дете во фамилијата на 4.000 куни, а една од новите мерки е и надоместот од 500 куни за мајките што остануваат дома до третата година од животот на детето - вели Ивановиќ.

На пописот на градови што привлекле најмногу странски државјани повторно води Дубровник (267 жители повеќе се доселиле во тој град отколку што се иселиле), втор е Сплит (211), трет е Умаг, а четврти е Ровињ.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот