X
 22.11.2020 Здравје

Како напредуваат симптомите на коронавирусот од ден на ден

Бидејќи лекарите набљудуваат голем број пациенти со Ковид-19, тие идентификуваа неколку модели за тоа како напредуваат типичните симптоми.

Поголемиот број од случаите се благи или умерени, но околу 20 отсто стануваат тешки или критични, според податоците на Кинескиот центар за контрола на болести.

Повеќето пациенти развиваат температура, сува кашлица и отежнато дишење - трите најчести симптоми на Ковид-19. Но, тие може да почувствуваат замор, болка во мускулите или телото, губење на осетот за вкус или мирис, болка во грлото и дијареја.

Овие симптоми обично не се појавуваат веднаш откако ќе се зарази лицето. Просечниот период на инкубација на вирусот е околу пет дена, според американскиот Центар за контрола и превенција на болести.

Иако вирусот прво ги напаѓа белите дробови, тој може да ги зарази и срцето, бубрезите, црниот дроб, мозокот и цревата. Некои истражувања посочуваат дека Ковид-19 е васкуларна болест, а не респираторна, што значи дека може да патува низ крвните садови. Ова може да доведе до дополнителни компликации, на пример, оштетување на срцето или мозочен удар.

kovid
Фото: Freepik

Откако набљудувале илјадници пациенти за време на епидемијата во Кина на почетокот од оваа година, тамошните болници идентификуваа модел на симптоми кај пациенти со Ковид-19:

1. ден - температура, болки во мускулите, замор, суво грло. Мал број пациенти почувствувале гадење.

3. ден
- во просек, три дена се потребни пред пациентите да бидат примени во болница откако ќе почнат нивните симптоми. Исто така, пациентите тогаш развиваат пневмонија.

5. ден - во тешки случаи, симптомите почнуваат да се влошуваат. Пациентите имаат тешкотии со дишењето, особено ако се постари или ако имаат некакви срцеви заболувања.

7. ден
- толку е потребно за некои пациенти да бидат примени во болница откако ќе се појават нивните симптоми. Некои пациенти во Вухан развиле тешкотии во дишењето токму на седмиот ден.

8. ден - до овој момент пациентите со тешка клиничка слика развиваат тешкотии со дишењето, пневмонија, или акутен респираторен синдром, кога белите дробови веќе не се во можност да му обезбедат доволно кислород на телото, па на овој ден повеќето пациенти се приклучуваат на респиратор.

9. ден
- некои пациенти во Вухан развиле сепса, инфекција предизвикана од агресивниот одговор на имунолошкиот систем, токму во текот на деветтиот ден.

10-11. ден - ако на пациентите им се влошат симптоми, ова е моментот кога тие се пренесуваат на интензивна нега. Овие пациенти веројатно имаат поголема болка во стомакот и губење на апетитот.

12. ден - во овој период, според истражувањето од Вухан, температурата полека почнува да опаѓа кај оние со лесна или умерена клиничка слика.

16. ден - кај пациентите се намалува нагонот за кашлање.

17-21. ден
- во просек, луѓето во Вухан или закрепнувале од вирусот и биле отпуштени од болница или умирале по 2,5 до 3 недели.

27. ден - некои пациенти престојуваат во болница малку подолго. Просечниот престој за пациентите во Вензоу бил 27 дена.

Само затоа што пациентите ја напуштиле болницата, не значи дека нивните симптоми целосно исчезнале. Некои пациенти пријавуваат дека ги чувствувале симптомите со месеци, вклучувајќи болка во градите, отежнато дишење, гадење и губење на вкус и мирис.

Извор: Business Insider
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје