X
 29.06.2020 Здравје

Како да го намалите стресот предизвикан од пандемијата на коронавирусот?

Последниве недели видовме колку може да биде сериозна пандемијата на коронавирусот. Многу настани се откажани и многу канцеларии остануваат затворени. Лесно е да станете нервозен или загрижен со едноставно следење на вестите.

Многумина се под стрес поради ситуацијата. Експертите велат дека преголемото впивање информации за пандемијата може да предизвика анксиозност, особено доколку сте заглавени дома и немате што да правите освен да ги следите социјалните мрежи.

Но, постојат чекори што може да ги направите за да го намалите стресот и да останете безбедни. Намалувањето на анксиозноста ќе ви помогне да го поминете периодов, но и ви ќе го зајакне здравјето.


Фото: Pixabay

Зошто пандемијата предизвикува стрес?

- Целото наше внимание е свртено кон заканувачките делови од ситуацијата - вели Итан Крос, професор по психологија на Универзитетот во Мичиген.

Во насловите доминираат места погодени од коронавирусот, а властите постојано предупредуваат за опасноста од правење секојдневни активности, како ракување или собирање во големи групи.

- Сето ова ја зголемува перцепцијата дека станува збор за нешто опасно - објаснува Томас Родбо, клинички психолог и директор за клиничко тренирање на Вашингтонскиот универзитет во Сент Луис.

Иако предупредувањата се прават за да се зголеми безбедноста, тие може да изгледаат како сите да се во паника.

- Ние сме мотивирани да обрнеме внимание на она што го прават другите - вели Родбо.

Згора на тоа, никој од нас нема контрола врз ситуацијата, што честопати ги прави луѓето анксиозни, вели Ану Аснани, клинички психолог на Универзитетот во Јута. Никој не знае кога ќе заврши пандемијата или кога работите ќе се вратат во нормала.

- Контролата и сигурноста се основни, од еволуциска гледна точка, за одржувањето во живот на нашиот вид. Кога не сме сигурни, преземаме мерки да се осигуриме дека нема да бидеме убиени или дека нема да умреме - вели Аснани.


Фото: Pixabay

Совети за намалување на анксиозноста

Пред сè, доколку имате анксиозност, ова е добро време да посетите професионалец, дури и доколку не можете да се сретнете со него во живо. Има психијатри што работат со пациентите преку интернет.

Самите може да се ослободите од анксиозноста поврзана со коронавирусот, или барем да ја намалите, со користење тактика наречена временско дистанцирање, односно да се фокусирате на работите гледајќи долгорочно. На пример, замислете како би било да гледате на овие денови по една година или по неколку години. Може да се обидете и со ставање на пандемијата во историски контекст. Светот се соочил и совладал слични пандемии порано.

Позитивно може да влијае и ограничувањето на информациите што ги примате за пандемијата. Обидете се да најдете баланс помеѓу информирањето за да донесете одлуки и преголемото внесување информации што може да предизвика стрес. Одберете неколку извори на кои им верувате и следете ги само нив.

Социјалните мрежи може да бидат од помош, но тие нè ставаат во „филтрирани меури“ кои најчесто ги влошуваат работите. На нив најчесто може да се прочитаат теории на заговор и погрешни информации. Доколку се чувствувате анксиозни по користењето на социјалните мрежи, оставете го телефонот и оддалечете се од компјутерот.


Фото: Pixabay

Правете нешто друго

Сега е добро време да се прават активности што го намалуваат стресот. Не е лоша идеја да се проба медитација, но доколку имате активност која порано ви помагала да се релаксирате, не мора да ја менувате. Кога се чувствувате презаситени, полесно е да се користи позната стратегија која веќе сте ја практикувале отколку да се обидувате со нова.

Се препорачуваат и активности поврзани со домот што сте ги одложувале долго време. Други идеи се готвењето или водењето дневник.

За многу луѓе седењето дома може да биде извор на стрес, како и грижата за семејството и пријателите, особено оние што се во ризичните групи. Но, постојат многу работи кои луѓето може да ги направат за другите од далечина. Психолозите препорачуваат социјални активности, како правење фотографски албум за постарите членови на семејството, играње игри на интернет или читање иста книга со родителот и дискутирање потоа.

Главната цел е да најдете начин да го намалите стресот, притоа следејќи ги вестите за да бидете информирани и за да не ги загрозите најблиските.

Автор: Луиз Матсакис
Извор: wired.com
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје