Многу луѓе мислат дека создавањето содржина е лесен начин на заработка, но тоа е далеку од вистината.
Дизајнирањето и снимањето содржини бара креативност, многу часови работа и посветеност. Да се биде креатор на содржина не е само страст - тоа е и работа. Потпирањето на еден извор на приход може да биде ризично и ограничувачко, па затоа е важно да имате повеќе извори за да изградите финансиска стабилност и долгорочен успех.
Секогаш има нови начини да заработите пари ако работите како креатор на содржина, особено ако имате бренд што луѓето го сакаат и со кој се идентификуваат. Еве пет извори на приход што ги користат многу креатори на содржини, кои може да ги земете предвид:
Создавачот на содржина може да се вклучи во партнерства со брендови
Партнерствата со брендови се едни од најпрофитабилните извори на приход за креаторите на содржина. Можете да соработувате со брендови кои одговараат на вашата публика и да заработувате пари преку тие соработки. Еден начин да го направите ова е преку создавање спонзорирана содржина, каде што ги прикажувате производите на брендот преку видеа, блогови, објави на социјалните мрежи или поткасти.
Ова може да биде во форма на прегледи на производи, упатства или демонстрации за тоа како да користите производ, или спонзорирани објави каде што го промовирате брендот.
Приходите од таквите партнерства зависат од бројот на следбеници што ги имате. Истражувањата меѓу инфлуенсерите и креаторите на содржини покажуваат дека многу брендови плаќаат помеѓу 250 и 450 долари по објава за секои 10.000 следбеници. Значи, колку повеќе следбеници имате, толку подобро ќе ги наплатите вашите објави.
Некои креатори, исто така, воспоставуваат долгорочни партнерства со брендови за да обезбедат стабилен приход наместо да се потпираат на еднократни зделки. Некои стануваат амбасадори на брендови, додека други потпишуваат ексклузивни договори за соработка со еден бренд во одредена категорија.
Придружен маркетинг (affiliate)
Можете да размислите да се приклучите на придружните програми понудени од брендови. Заработувате провизија од секоја продажба. Ова особено добро функционира ако имате ангажирана публика која им верува на вашите препораки.
Придружните партнери обично заработуваат од 5 до 20 отсто провизија по продаден производ, додека некои компании нудат фиксен износ по продажба наместо процент. Затоа, заработката може да варира во зависност од производот и понудената провизија.
Запомнете дека партнерскиот маркетинг се заснова на доверба. Промовирајте само производи во кои навистина верувате за да не ја изгубите вашата публика поради лош производ.
Социјални мрежи
Повеќето креатори на содржини ги објавуваат своите материјали на различни социјални мрежи за монетизација. На овој начин можете да заработите пари преку реклами и прегледи на содржина.
Секоја платформа има свој модел за монетизација: на пример, „Јутјуб“ им овозможува на креаторите да заработат пари од рекламите прикажани во видеата; „Фејсбук“ и „Инстаграм“ ги монетизираат видеосодржините преку реклами, додека „Тик-ток“ има Фонд за создавачи, каде што креаторите се плаќаат врз основа на бројот на прегледи и ангажман.
Овие програми обично бараат да се исполнат одредени критериуми, како што се минимален број следбеници и часови на гледање, па затоа е важно да се изгради публика за да можете да започнете со монетизација на вашите видеа.

Креаторот на содржина може да се впушти и во блогирање
Ако креирате видеосодржина или поткасти, можеби ќе сакате да ја истражите можноста за конвертирање на таа содржина во пишан формат - преку блогови или соработки со медиуми. Пишувањето за портали за вести, специјализирани блогови и списанија може да ви донесе приход по статија, по збор или преку договори со фиксна месечна претплата за редовни придонеси.
Можете да објавувате на платформи како „Медиум“ или „Сабстак“, каде што е можно да заработите пари преку претплати или читатели на вашата содржина.
Друг начин за монетизација е да започнете сопствен блог и да поставувате реклами преку „Гугл адсенс“ или „Mедија нет“, каде што приходот зависи од бројот на прегледи и кликови на рекламите. Дополнително, можете да соработувате со брендови преку спонзорирани статии или долгорочни партнерства.
Развивање свој производ
Еден од најпрофитабилните и најодржливи начини на заработка е да креирате сопствен производ или да понудите тренерски услуги. Продажбата на дигитални или физички производи ви овозможува да заработите пари директно од вашата публика, без да се потпирате на платформи од трети страни. Тоа може да бидат е-книги, водичи, онлајн курсеви, ексклузивни содржини или членства.
Ако веќе имате изградено силен бренд, размислете за продажба на брендирана стока.
Исто така, можете да понудите персонализирани сесии, групно тренирање, вебинари или работилници во живо. Клучот за успехот во создавањето дополнителни извори на приход е експериментирање со различни методи за монетизација, останување автентични и постојана интеракција со вашата публика.
Започнете со еден или два дополнителни извори на приход, приспособете ги на она што најдобро ви одговара и постепено зголемувајте ги. Со постојаност, стратешко планирање и вредноста што ја давате, можете да ја претворите вашата содржина во одржлив и успешен бизнис.
Извор: forbes.n1info.rs
Фото: Freepik