„Прекрасно е чувството да се биде ден од најдобрите и задоволство ми претставува што УКИМ ги препознава своите капацитети, и сметам дека секој труд треба да биде награден“, истакна Христијан Смоковски, кој беше прогласен за еден од најдобрите дипломирани студенти за академската 2024/2025 година од страна на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“.
Христијан е најдобар студент на Факултетот за физичко образование, спорт и здравје. Го избрал ова образование за наставник по физичко воспитување затоа што смета дека педагошката работа е инспиративна професија.
- Иако не сум бил активно вклучен во спортски клубови во детството, уште од најрана возраст педагошката работа ја доживував како благородна и инспиративна професија, што најверојатно се должи на многуте позитивни примери од кои сум учел низ текот на образовниот процес. Директната вклученост во воспитно-образовниот процес за мене претставува одлична можност за позитивно влијание врз идните генерации - вели Христијан за Факултети.мк.
Тој откри кои му биле најтешките предизвици во студирањето и кои предмети му побудиле најголем интерес.
-На Факултетот за физичко образование, спорт и здравје, покрај теоретските знаења, секој студент треба да се стекне и со практични вештини, што понекогаш може да претставува предизвик, но со одлучност и макотрпна работа нема препрека која не може да биде совладана. Иако секој предмет имаше своја вредност и придонес во моето образование, најголем интерес ми побудија предметите Методологија со статистика и Биомеханика - посочи Христијан.
Тој потенцира дека на неговиот факултет има одлична работна атмосфера и дека професорите секогаш се достапни за студентите и несебично го споделуваат своето знаење.
-Ажурноста, посветеноста и знаењето се одлики на нашите професори, карактеристики кои се многу важни за напредокот на општеството - истакна Христијан.
Во моментот Христијан работи како наставник на замена. Запишан е на постдипломски студии и работи под менторство на професорот д-р Георги Георгиев.
Христијан зборуваше и за тоа колку оваа професија, било да е педагог по физичко образование или тренер, е значајна за македонското општество и образование и што би сменил во својата работа во контекст на тоа.
-Секоја професија чиј предмет на интерес се едукативните процеси кај најмладите категории сметам дека е од огромна важност. Квалитетот на образованието и воспитанието претставува клучна алка во општествените процеси. Најдобрите и најтрпеливите личности треба да бидат дел од овие професии. Би сакал да ставам поголем акцент на социјалната компонента во процесот на образование со цел правилен раст и развој на најмладите - истакна Христијан Смоковски, најдобриот студент на Факултетот за физичко образование во учебната 2024/2025.
Фото: приватна архива
Оваа содржина е заштитена со авторски права. Фотографиите се од сопствени извори или од платени сервиси. Секоја употреба, копирање, преземање, репродукција или дистрибуција, целосна или делумна, без претходна писмена дозвола од редакцијата, е строго забранета и подлежи на законска одговорност. Бесплатно преземање е можно само на првата третина од текстот, со јасно наведен извор и линк до изворниот текст во првата реченица. Факултети.мк ги почитува професионалните/етичките стандарди, Кодексот на новинарите и Принципите на Меѓународната федерација на новинарите.