X
 25.06.2026 Живот

Лекар предупредува: Во ова време од денот немојте да вежбате

При крајот на неделава се очекува силен топлотен бран во целиот регион. Во вакви услови, лекарите и метеоролозите особено ги предупредуваат сите што планираат физичка активност на отворено бидејќи тренингот за време на најголемите горештини може да биде ризичен за здравјето.

Најкритичното време од денот за физичка активност

Експертите советуваат да се избегнува каков било интензивен тренинг меѓу 11 и 15 часот. Како што објаснува докторот Хусаин Ахмад од Велика Британија, во тој период сончевото зрачење е најсилно, а загреаните површини како асфалтот дополнително го зголемуваат чувството на топлина.

Организмот веќе природно се лади преку потење и зголемен проток на крв кон кожата, но физичкиот напор во такви услови дополнително го забрзува порастот на телесната температура. Тоа може да доведе до исцрпеност, а во потешки случаи и до топлотен удар.

Кои активности се најбезбедни?


Доколку сакате да останете физички активни за време на топлотниот бран, пливањето се смета за најбезбедна опција бидејќи водата помага за ефикасно разладување на телото.

За трчање или возење велосипед се препорачува рано наутро, најдобро пред 10 часот. Исто така, тренингот во климатизирани или добро проветрени простории може да биде добра алтернатива. Експертите советуваат и пократки тренинзи, почести паузи и постојана хидратација.

Како да се однесувате за време и по тренингот

Важно е да носите лесна, светла и прозрачна облека и веднаш да ја прекинете активноста доколку се појават симптоми како вртоглавица, слабост или мачнина.

Експертите од фитнес-индустријата дополнително ја нагласуваат важноста на постепеното ладење по вежбањето. Наглиот прекин на активноста може да предизвика непријатност, па се препорачува 5 до 10 минути лесно ладење преку пешачење и истегнување со цел организмот да се стабилизира.

Приспособување на навиките за време на топлотниот бран


Со оглед на тоа што високите температури продолжуваат и на почетокот од следната недела, експертите порачуваат дека приспособувањето на дневната рутина ќе биде од клучно значење. Кога живата во термометарот надминува 35 степени, најпаметниот „тренинг“ е оној што ќе се помести во раните утрински или доцните вечерни часови.

Извор: бука
Фото: magnific

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот