Пред неколку дена Владата го усвои документот со наслов „Интегриран национален план за енергија и клима 2025–2030“. Според Министерството за енергетика, ова е стратешки документ што ја поставува државата на јасна патека кон енергетска трансформација, одржлив развој и целосно усогласување со европските политики. Ја посетив веб-страницата на Министерството со цел да го „симнам“ документот и да го прочитам, но таму не можев да го најдам. Случајно го најдов на интернет на веб-страницата на Министерството за дигитална трансформација.
Всушност, овој документ бил подготвен уште во 2020 година и бил даден на јавна расправа кај нас и до некои странски институции. Тоа значи дека се користени документи од 2010 до 2019 година, а во меѓувреме се ажурирани само мал број податоци. Нагласено е дека главни документи што биле користени се:
- Стратегија за развој на енергетскиот сектор до 2040 година (од 2019 година);
- Долгорочна стратегија за климатска акција до 2050 година – (од 2021 година);
- Четврта национална комуникација за климатските промени (2023);
- Закон за климатска акција - нацрт (не е донесен);
Како кандидат за членство во ЕУ, Република Македонија (РМ) треба да ги усогласува своите енергетски политики со пет клучни столба на Европската енергетска унија, наречени и како димензии. Тие се:
- Енергетска безбедност;
- Внатрешен енергетски пазар;
- Енергетска ефикасност;
- Декарбонизација;
- Истражување, иновации и конкурентност.
Понатаму, јас ќе се осврнам на димензијата на енергетската безбедност во РМ која е наведена во овој документ во смисла на нејзино подобрување и зајакнување.
Првин да ја согледаме сегашната состојба во која има препреки за енергетската безбедност на РМ и долгорочната одржливост на енергетски систем. Тоа се застарената опрема за производство на електрична енергија, особено термоцентралите на јаглен, зависноста од фосилни горива (јаглен, нафта, гас), стари хидроцентрали кои треба повремено да се рехабилитираат, застареност на електроенергетската мрежа, недоволна флексибилност на енергетскиот систем, а постојат и геополитичките ризици.
Во Резимето на документот пишува: „За да се подобри енергетската безбедност, РМ работи на диверзификација на своите извори на енергија, намалување на зависноста од јаглен и проширување на секторот на обновлива енергија, вклучувајќи сончева енергија, ветер и хидроенергија“. Исто така, се споменува проширување на инфраструктурата за природен гас, инвестиции во технологии за складирање на енергија, како што се складирањето во батерии и пумпна хидроакумулација, со цел да се подобри стабилноста на мрежата.
Бидејќи во последниве години има интензивна изградба на системи со обновливи извори на енергија, во одредени периоди се јавуваат и вишоци на произведена електрична енергија. Затоа се планираат и технички мерки кои се однесуваат на надградби на инфраструктурата за складирање на енергија, неопходни за апсорбирање на зголеменото производството на електрична енергија од обновливи извори. Се очекува инсталирање на стационарни батерии со капацитет од најмалку 200 MW и капацитет за складирање од 400 MWh да бидат поврзани со електроенергетскиот систем до 2030 година.
Многу важно е што се планира изградба на реверзибилната хидроелектрана Чебрен со моќност од 333 MW, која треба да биде поврзана со електромрежата во 2035 година. Се споменува дека ова ќе биде државна инвестиција од една милијарда евра. Од друга страна, не се споменати други потенцијални хидроцентрали (Бошков Мост, проектот Вардарска Долина и др.) кои ги има во Стратегијата за енергетски развој на РМ до 2040 година. Исто така, не се конкретно планирани системи со пумпна хидроакумулација.
Во врска со планираните инвестиции за енергетска трансформација за кои се потребни значителни финансиски средства, како кандидат за членство во ЕУ, РМ може да се обрати за финансирање и техничка помош од Европскиот зелен договор и други иницијативи на ЕУ, но и од други финансиски институции.
Во изминатите децении беа донесени неколку стратегии за енергетски развој на РМ во кои имаше корисни работи, но за жал, немаше реализација на плановите од тие документи, особено тоа се однесува за изградба на капитални објекти, на пример, хидроцентрали.
Да се надеваме дека планираните мерки во НАЦИОНАЛНИОТ ПЛАН ЗА ЕНЕРГИЈА И КЛИМА овој пат ќе бидат навистина реализирани.
Автор: д-р Ристо Цицонков, редовен професор на Машински факултет – Скопје