X
 23.08.2023 Живот

Колку директори имаат психопатски особини?

Овој век го одбележаа директорите. Корпоративната култура стана речиси секојдневна тема, како и нејзините главни актери - менаџерите. Но, каква е психолошката слика на директорите? Дали меѓу нив се кријат психопати?

Терминот „корпоративен психопат“ често се користи во последните години. Според таткото на терминот, психологот Клајв Боди, корпоративни психопати се оние психопати што успешно егзистираат во општеството и работат во корпорациите, а иако се насочени на кариерата, често се немилосрдни, неморални и знаат да експлоатираат.

Како што пишува Боди, корпоративниот психопат првично е шармантен, присебен и смирен. Но, на крајот се забележува дека е измамник, егоцентричен, безмилосен, неспособен за самокритика, меѓучовечки неодговорен и емотивно плиток.

Колку такви „профили“ има во реалноста?

Според едно истражување, 12 отсто од корпоративните директори покажуваат низа психопатски особини. Друго истражување објави малку пооптимистички проценти - само 3,5 отсто од повисокото раководство може да се каже дека имаат психопатски особини. Но, многу поинтересна оцена на истражувањето е дека психопатите се почести во корпоративниот свет отколку кај општата популација. Се наведува и дека ги има од 3,5 до 12 пати повеќе. А, уште помалку охрабрувачка процена е дека секој петти извршен директор може да биде психопат.

Што се случува кога корпоративен психопат ќе добие корпоративна промоција и моќ?

Бидејќи овие типови менаџери се многу харизматични, убедливи и креативни, би можело да се очекува дека тие се вистинскиот избор за да ги водат компаниите до успех и профит. Сепак, не е така. Истражувачите го откриле спротивното. Зошто?


Фото: Pixabay

Злобните особини на корпоративните психопати ги надминуваат нивните позитивни страни. Тие често ги малтретираат колегите, создаваат конфликти, ги обесхрабруваат идеите на подредените, се однесуваат неетички, па дури и ги поттикнуваат другите да го прават истото. Нивните постапки можат да создадат атмосфера на непријателско опкружување на работното место, зголемувајќи ги тензиите.

Според едно истражување од 2015 година, девијантното однесување на работното место е причина за финансиски загуби, без разлика на видот на деловната организација, а голем процент од овие загуби потекнуваат од однесувањето на корпоративните психопати на лидерски позиции.

Според Боди, корпоративните психопати делумно се виновни за глобалната финансиска криза во 2008 година. Тие биле привлечени од понудите од банките и наградите во непропорционален број и влијаеле врз работната култура, етика и профилот на ризик на банките кои ги вработувале.

Извор: Ekapija
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот