Агресивноста кај младите претставува еден од најзначајните современи општествени предизвици. Не се работи само за физичка или вербална агресија, туку и за скриени форми на емоционално и дигитално насилство кои тивко се развиваат и влијаат врз однесувањето на младите. Оваа колумна ја разгледува агресивноста како мултифакторски феномен, со фокус на невидливите корени: семејни односи, врснички динамики, социјално-економски фактори и психолошка ранливост. Особен акцент се става на превентивни стратегии, кои вклучуваат индивидуални, семејни, училишни и општествени интервенции, како и на добри практики од Финска и Европската Унија.
Целта е да се понудат практични препораки за системско превентивно делување, кое ќе овозможи здрав развој на младите. Клучни точки од увoдот се однесуваат на агресивноста кај младите која претставува „тивок аларм“ на општеството. Но, мора да се нагласи дека корените се сложени и невидливи, но имаат сериозни последици кои се резултат на интеракција на психолошки, социјални и дигитални фактори. Од тие причини, повеќе од неопходна е нова парадигма: превенција наместо само санкции. Современото општество се соочува со растечки број случаи на агресивност кај младите, која често се манифестира како „тивок аларм“ за длабоки психосоцијални проблеми. Овој феномен се карактеризира со тоа што неговите корени не се веднаш видливи, а последиците можат да бидат сериозни и долгорочни. Младите покажуваат различни форми на агресија: физичка, вербална, емоционална, па дури и дигитална, преку социјални медиуми.
Научната литература последниве години се движи кон мултидимензионален пристап кон агресивноста, при што се земаат предвид интеракциите меѓу индивидуалните, семејните, училишните и пошироките општествени фактори (Huesmann & Boxer, 2022; Anderson et al., 2021). Агресивноста повеќе не се набљудува како само биолошки или психолошки проблем, туку како комплексен социјален феномен, кој бара холистички пристап за превенција и интервенција. Новите истражувања нагласуваат дека агресивноста не е патологија, туку симптом на општествени и психолошки дефицити. Тремблеј (2020) истакнува дека превенцијата треба да започне од најрани фази на развојот, бидејќи раните форми на агресија често ескалираат во тинејџерските години. Моделот на еколошка перспектива (Bronfenbrenner, реинтерпретиран од Darling-Churchill & Lippman, 2022) го прикажува младото однесување како резултат на интеракцијата меѓу индивидуални карактеристики (темперамент, саморегулација) и контекстуални фактори (семејство, врсници, медиуми).
проф. д-р Љупчо Кеверески
Невидливите корени на агресивноста
Агресивноста на младите луѓе во современото општество претставува феномен кој повеќе не може да се гледа само како индивидуални инциденти или минливи испади. Таа сè повеќе дејствува како „тивок аларм“ - знак за длабоки, често непрепознаени проблеми во емоционалниот, социјалниот и културниот развој на адолесцентите. Агресијата не се јавува одеднаш, туку се гради во слоеви: преку семејни обрасци, социјални тензии, дигитални интеракции и емоционални фрустрации. Она што е особено опасно е фактот дека корените на агресијата често остануваат невидливи - скриени под површината, сè додека не се развијат во сериозни форми на насилно однесување.
Во литературата од последните години може да се забележи нов пристап: агресијата не се објаснува само со биолошки или социјални фактори, туку како динамична интеракција на психолошки ранливости и социјални притисоци (Хусман и Боксер, 2022). Ова отвора простор за нови перспективи кои бараат холистички поглед на превенцијата и интервенцијата. Агресивноста кај младите не се појавува случајно. Таа е резултат на акумулирани искуства на фрустрација, исклучување и стрес, кои остануваат непрепознаени во секојдневните интеракции. На пример, микротраумите – повторливи мали форми на психолошко непочитување или одбивање – имаат долгогодишен ефект врз развојот на агресивно однесување (Finkelhor, 2023).
Како клучни невидливи фактори можат да се спомнат следните:
- семејна дисфункција - не мора насилство, туку хронична емоционална студенило (создава чувство на осаменост);
- хронична емотивна студеност или недостаток на внимание може да создаде чувство на осаменост и фрустрација;
- дигитална агресија и сајбер-малтретирање - невидливо, но силно влијае врз самодовербата кај младите;
- неразбирање на наставникот и системот - чувството дека училиштето не го гледа ученикот како личност, туку како проблем;
- социјални неправди и нееднаквости - младите се чувствуваат фрустрирани од социјалните противречности.
Современите истражувања покажуваат дека агресијата не е само резултат на моментален афект или физиолошка возбуда. Таа е резултат на акумулирани искуства на фрустрација, несигурност и социјална неправда (Anderson et al., 2021). Во адолесценцијата, кога се формира идентитетот, секоја форма на маргинализација, занемарување или дигитално насилство станува силен предизвикувач. Психолозите ја нагласуваат улогата на таканаречената микротраума - повторени мали понижувања или отфрлања што ги доживуваат младите (Finkelhor, 2023). Тие често не се видливи за возрасните или создаваат емоционални рани на долг рок.
доц. д-р Билјана Богданова-Смилевска
Препораки за превенција на насилство
Агресивното однесување кај младите имплицира негативни последици, посебно во нарушување на психо-социјалниот развој, како и негативно влијание врз безбедноста и квалитетот на животот, затоа посебен акцент треба да се стави на превенцијата. Превентивните модели за агресивно однесување кај младите треба да се базираат врз бројни показатели, вклучувајќи ги и етиолошко-феноменолошките карактеристики на агресијата. Со утврдување на причините за агресивно однесување, како и типот на агресивното однесување, ќе се идентификува изворот на агресијата и врз основа на тоа ќе се адресираат соодветни превентивни мерки. Превентивните модели се базираат на детекција и идентификација на проблемот, етиолошко обликување и феноменолошки карактеристики. Треба да се нагласи дека не постојат унифицирани превентивни модели, туку тие се специфицирани и креирани во зависност од тоа кои агенси на социјализација се вклучени во нив: семејство, образовни институции, врсници, пошироката општетвена средина, медиумското влијание, кои директно или индиректни влијаат врз психо-физичката состојба на младите.
Во семејството посебно треба да се работи на рана едукација на децата за емпатија, ненасилна комуникација и решавање конфликти. Јасен систем на вредности – родителите да бидат пример со своето ненасилно однесување. Отворен дијалог – редовни разговори со децата за чувства и проблеми. Нулта толеранција за секој облик на насилство (физичко, психолошко, дигитално). Во семејството е неопходно да се воспостават сигурни и топли односи.
Во образовните установи е неопхода реализација на превентивни програми и работилници за ненасилна комуникација, тимска работа и медијација. Обука на наставници за препознавање рани знаци на насилство. Јасни процедури за пријавување – учениците да знаат кому можат да се обратат без страв. Поддршка на жртвите преку училишен психолог/педагог и соработка со родителите. Развој на позитивна училишна клима – промоција на толеранција, солидарност и соработка. Во училиштата треба да се креира клима на доверба и поддршка, а во општеството е неопходна инклузија и еднакви шанси за сите млади.
Во заедницата се потребни јавни кампањи против насилство и дискриминација. Институционална поддршка (полиција, центри за социјална работа, НВО) за брзо реагирање. Достапни сервиси за помош (SOS телефони, советувалишта). Вклучување на младите во спортски, културни и волонтерски активности за конструктивно користење на времето. На индивидуално ниво треба развивање на социјални и емоционални вештини (асертивност, контрола на бес, решавање конфликти). Промоција на емпатија – почитување на различностите и личните граници. Охрабрување на пријавување – намалување на стигмата кај жртвите. Агресивноста кај младите е „тивок аларм“ што сигнализира длабоки психо-социјални проблеми.
Невидливите корени бараат нов пристап на превенција, кој е системски, холистички и интегриран со европски практики. Кога зборуваме за перспективите на оваа проблематика нагласуваме дека секоја индивидуа треба да се насочи кон развој на емоционална саморегулација.
Овие мерки ја гледаат агресивноста како резултат на системски недостатоци, а не само како личен проблем на ученикот. На крај, треба да се заклучи дека превенцијата на насилството е континуиран процес кој бара заедничка соработка на семејството, училиштето, институциите и целата заедница.
Превенцијата не значи само спречување на агресијата, туку и создавање услови младите да развијат емоционална интелигенција, емпатија и вештини за ненасилна комуникација и мирно решавање на конфликти. Најефикасен превентивен модел е градење безбедна средина во која ќе бидат вклучени и интегрирани сите општествени фактори. Тоа ќе биде средина во која ќе се ценети, перцепирани, слушнати и прифатени од заедницата, ќе имаат комодитет на слободно изразување, средина во која ќе можат здраво и конструктивно да се развиваат и градат како личности. Со тоа како активни партиципиенти ќе ги постават темелите на мирна и стабилна заедница и секојдневие во кој светот го движат младите.
Автори: проф. д-р Љупчо Кеверески и доц. д-р Билјана Богданова-Смилевска
Фото: Freepik