X
 18.04.2018 Економија

Неуспех при барање работа и немање врски – ова ги спречува младите да работат

Истражувањето, како што објасни Наде Цветковска, која е дел од македонскиот истражувачки тим, покажало дека овие млади имаат релативно добра образовна подготовка, ја препознаваат потребата за вклучување во системот на образование, сакаат да се вработат, знаат како да пристапат до податоци за образование, но не и до информации за понатамошна обука


Неуспех при барање работа, домашни обврски, недоволно информации за понудата, но и немањето врски се дел од причините што ги спречуваат младите да работат. Ова го покажува дел од истражувањето на Коалицијата на младински организации СЕГА, која ги презентира резултатите на вчерашната конференција „Препознавање на потребите на младите од NEET-групата, преку политики за млади и младинско информирање“.
Млади во групата на NEET се оние на возраст од 15 до 30 години што не се ниту во образовен процес, ниту во работен однос, ниту во процес на некаква обука.
Истражувањето било направено кај 300 испитаници од Прилеп и од Кавадарци, дел од оваа NEET-група. Од нив 40 отсто биле со средно образование, 26 отсто со високо, а осум отсто имале магистратура.

Истражувањето покажало дека 56 отсто од испитаниците воопшто не биле вработени, а повеќе од половина не биле на обуки наменети за млади. Причини за откази на оние што работеле биле ниските плати, несоодветните услови за работа, неисплатените плати... Од оние што работеле, 92 отсто повторно сакаат да најдат работа.

Истражувањето, како што објасни Наде Цветковска, која е дел од македонскиот истражувачки тим, покажало дека овие млади имаат релативно добра образовна подготовка, ја препознаваат потребата за вклучување во системот на образование, сакаат да се вработат, знаат како да пристапат до податоци за образование, но не и до информации за понатамошна обука. Компјутерски се писмени и имаат ИТ-опрема. Се покажало дека испитаниците малку ја познаваат користа од различни алатки за информации.

Како држави со најдобри практики за информирање на младите во Европа, Томаш Моледа, претставник од истражувачки тим во Полска, ги издвои Ирска, Шкотска и Естонија. Во Ирска младинските организации им ги сервисираат информациите на младите на места што тие најчесто ги посетуваат.
Во Шкотска има картичка која ја користат 650.000 млади до 26 години со која добиваат награди, попусти при пазарење, за превоз, за слободни активности. Во Естонија, пак, Националната агенција за младинско информирање поддржува регионални центри, а локалната самоуправа одлучува колку средства ќе им додели на организациите. Во оваа држава на Младински информативен панаѓур, кој се одржува од 1994 година, се нудат цела низа информации за студирање, учење, обуки, вработување, рекреација.

Инаку, проектот е финансиран и поддржан од Националната агенција за образовни програми и мобилност во Република Македонија преку програмата Еразмус+.
Подготвил: Наташа Бошковска - Златкова /natasa.boskovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Економија