X
 23.09.2025 Живот

Казни до 50.000 евра: Овие грешки можат скапо да ве чинат во Германија

Иако градинарската сезона во Германија завршува, есента носи нови обврски за сопствениците на куќи и дворови. Шарените лисја на дрвјата изгледаат привлечно, но кога ќе почнат да паѓаат, брзо се натрупуваат на тротоарите и во дворовите. Ако не се постапи правилно, тоа може да резултира со високи парични казни.

Германските закони строго го регулираат одржувањето на дворовите и јавните површини. Познато е дека кастрењето на живи огради, грмушки и дрвја е забрането од 1 март до 30 септември заради заштита на природата и дивиот свет. Но и во есен важат строги правила. Секој што нема да ги отстрани лисјата од тротоарот пред својот имот прави прекршок. Непочитување на оваа обврска може да биде казнето и до 50.000 евра.

Во некои општини чистењето го презема локалната администрација, но обврската за отстранување лисја и растителни остатоци во најголем дел паѓа на сопствениците. Причината е јасна: сè што може да стане лизгаво во влажни услови претставува ризик за несреќи. Ако дојде до повреда поради неотстранети лисја, оштетениот има право на надомест, а сопственикот на куќата ги сноси и дополнителните трошоци.

Дувачите за лисја со ограничена употреба

Иако многумина користат дувачи или правосмукалки за лисја наместо метла, нивната примена е строго ограничена. Поради бучавата, дозволено е да се користат само во работни денови - од 9 до 13 часот и од 15 до 17 часот.

Кршењето на прописите за заштита од бучава носи казни и до 50.000 евра. Исклучок се уредите со ознака за заштита на животната средина, кои смеат да се користат во редовно работно време (од 7 до 20 часот).

Забрана за палење лисја и отпад


Откако ќе се собере градинарскиот отпад, останува прашањето каде да се фрли. Законот е јасен: не смее да се остава на отворено бидејќи го нарушува екосистемот и ги загадува почвата и подземните води.

Особено е проблематично палењето отпад. Иако некои мислат дека е дозволено ако огнот е во сопствен двор, во повеќето општини тоа е строго забрането. Таму каде што има исклучоци, потребно е претходно одобрување од надлежните служби. Казните за вакви прекршоци се движат до неколку стотици евра, а во потешки случаи достигнуваат и до 2.500 евра.

Извор: n1info.hr
Фото: Pexels
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот