X
 23.10.2018 Живот

Украдете момент за себе - еве како би можеле да го поминете слободното време

Да се украде момент за себе значи да се потроши времето на она што ве интересира, опушта и ве ослободува од стресот. Еве предлози.

Помеѓу работата, роковите, распоредите, сметките и сите останати работи што се „гладни“ за нешто време, тешко е во денот да украдете по некој момент за да си го посветите за себеси. Разбирливо е ако тие моменти сакате накратко да легнете на каучот и да одморите. Во тоа нема ништо лошо, но постојат и подобри, поефикасни начини кои би можеле да ви помогнат да се ослободите од стресот на секојдневието. Еве неколку добри предлози.

Гледањето на омилените серии е идеално решение за ослободување од стресот и влијае пријатно врз мозокот

Се сеќавате дека моравте да имате телевизиска програма за да видите кога ја емитуваат новата епизода од омилената серија? „Нетфликс“ и останатите стриминг сервиси целосно го променија начинот на кој луѓето гледаат телевизиски содржини и воведоа нова појава што во англискиот јазик доби нов термин „binge-watching“ - станува збор за непрекинато гледање на многу епизоди одеднаш од одредена серија. Секако, долготрајното гледање во екранот никој не го препорачува, но умереното гледање е ефикасен и популарен начин за амортизација на насобраниот стрес во текот на денот. Со стримингот сами избираме кои серии да ги гледаме, а тоа горе-долу значи серии што нѐ опуштаат и забавуваат. Затоа и ги сакаме, бидејќи тогаш добиваме соодветна доза на допамин.

Видеоигрите нѐ тераат на пронаоѓање решение во стресни ситуации


За влијанието на видео-игрите врз животот на играчите се пишувало многу и често е негативно интонирано, како вид на забава што предизвикува зависност, поттикнува изолација и нечувствителност кон насилството. Сето тоа може и не мора да биде точно, но играњето видеоигри може да биде силна алатка за управување со стресот. Секако, далеку од тоа дека нивното играње е искуство лишено од секаков стрес, но тоа не мора да значи дека е генерално лошо. Освен прилично очигледните факти дека видеоигрите се забави, повеќето од нив го наградуваат доброто управување со емоции и однесувањето насочено кон пронаоѓање решенија во стресни ситуации. Низ видеоигрите можеме да развиваме вештини за соочување со стресот, а играњето може да ни помогне побрзо да се опоравиме од стресните ситуации во реалниот живот.

Крстозборите постојат и кога не сте на плажа и се прилично корисни


Исто како гледањето серии и видеоигри, и решавањето крстозбори е активност во која можете да се задлабочите, која бара длабока концентрација и која, кога ќе нѐ преокупира, може да служи како штит од стресот на секојдневието. Крстозборите и другите слични ментални игри позитивно влијаат врз расположението бидејќи нѐ поттикнуваат да работиме на реализирање на одредена специфична цел, што резултира со хормонска награда откако ќе го реализираме она што сме го зацртале.

Потрудете се да читате повеќе, се исплаќа

Читањето има голем број позитивни влијание врз психата и умот. Ослободувањето од стресот е еден од тие влијанија. Кога ќе се задлабочиме во добра книга, бројот на отчукувања на срцето опаѓа, а субјективното доживување на стресот се намалува. Концентрираното читање, како и другите слични методи, не остава простор за надворешни дразби и бара посветување на целосно внимание. Секако, успехот на читањето како метода на опуштање е релативно во однос на содржината што се чита. Нема еднакво добро да се опуштите кога ја читате задната страна на шампонот, веста за корупциска афера или криминалистички роман. Важно е да изберете книга што ќе успее да ве преокупира и во која ќе можете целосно да се задлабочите и да „исчезнете“ половина час.

Престанете да се извлекувате и одете на кафе со пријателите

Времето за себе не подразбира автоматски изолација. Редовниот контакт со блиските луѓе, пријателите и семејството се важни за одржување на менталната хигиена. Веројатно сите знаете дека времето поминато со пријателите е ефективна метода за ослободување од стресот, а контактот со блиските пријатели во живо има и длабок ефект врз генералното ментално здравје на поединецот. Луѓето кои ги негуваат односите со блиските и редовно се гледаат со нив, значително поретко покажуваат симптоми на депресија за разлика од оние кои прескокнуваат дружења во живо.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот