Првиот трејлер за филмот „Нарнија: Внукот на маѓепсникот“ (англ. „Narnia: The Magician's Nephew“) на режисерката Грета Гервиг во првите седум дена имаше повеќе од 481 милион прегледи, објавија американските медиуми повикувајќи се на податоците од компанијата „Вејвметрикс“.
Според „Вејвметрикс“, трејлерот за една седмица имал 481,3 милиони прегледи. Тоа е повеќе од двојно во споредба со првиот трејлер за „Барби“ на Гервиг, кој во првата седмица имаше 240 милиони прегледи.
Надминати се и „Вонка“ со 237,2 милиони и „Супер Марио: Галактички филм“ со 281,6 милиони прегледи во истиот период.
Трејлерот беше најпопуларен на мрежата „Икс“, а на „Јутјуб“ и понатаму е прв меѓу филмските трејлери. „Нетфликс“ го промовираше на социјалните мрежи, како и за време на преносите од НФЛ-натпреварите.
Гервиг го претстави трејлерот на 13 октомври на посебна ИМАК проекција во Њујорк. Во него се слуша песната „Stairway to Heaven“ на групата „Лед Цепелин“, а гитаристот Џими Пејџ изјави дека е одушевен што Гервиг ја избрала токму таа музика.
Филмот пристигнува во кината на 12 февруари 2027 година, додека ИМАКС проекциите започнуваат два дена порано. На „Нетфликс“ ќе биде достапен од 2 април. Со ова „Нетфликс“ за првпат пушта свој филм во широка кино-дистрибуција.
Филмот е адаптација на романот на К. С. Луис од 1955 година, кој е хронолошки прв во серијалот и зборува за настанувањето на Нарнија. Улогите ги толкуваат Ема Маки, Даниел Крејг, Кери Малиган и Мерил Стрип.
Извор:
Klix.ba
Фото: Screenshot/YouTube