X
 23.11.2025 Живот

Колку трае еден момент? Фраза стара повеќе од 600 години некогаш имала прецизно значење

Времето е еден од оние поими што сите ги користиме, а ретко навистина ги разбираме. Тоа го диктира нашиот секојдневен ритам, но и јазикот што го зборуваме. Во обид да ја изразиме брзината, трпението или нетрпеливоста, често употребуваме зборови како „момент“, „секунда“ или „миг“ без да знаеме дека тие некогаш имале многу конкретно значење.

Во денешниот свет, каде што сè мора да биде моментално и каде што секундите често одлучуваат за нечиј успех, поимот „момент“ го изгуби своето вистинско значење и стана само метафора за нешто што поминува брзо, речиси незабележливо.

Фраза што некогаш имала точно временско траење


Колку пати сте рекле „само момент“ мислејќи дека тоа значи неколку секунди? Излегува дека сте биле далеку од вистината. Во старо време, зборот „момент“ имал конкретно временско значење. Според првите записи од 1398 година, пронајдени во Оксфордскиот речник на англискиот јазик, еден момент траел точно 90 секунди.

Објаснувањето тогаш било дека „во еден час има 40 моменти“. Ако се подели тој број, јасно е дека секој момент трае 1,5 минута. Со други зборови, нешто што денес го сметаме за нејасен поим, некогаш било математички прецизна единица за време во ера кога светот се мерел според движењето на сонцето, а не според дигиталните бројчаници.

Од средновековна мерка до современа употреба

Потеклото на зборот „момент“ нè води директно во средниот век, кога луѓето го мереле времето со сончеви часовници. Додека сенката се поместувала, се сметало дека часот има 40 еднакви движења - моменти. Тие моменти не биле сосема усогласени бидејќи должината на часот зависела од годишното време. Сепак, во просек, според денешните пресметки, секој траел околу 90 секунди.

Низ вековите се менувало значењето на зборот. Оксфордскиот речник подоцна ја поедноставил дефиницијата на „момент“ и „миг“ сведувајќи ја на значење како „многу краток временски период“. Така исчезнале старите математички одредници, а „момент“ станал збор што го користиме кога сакаме да кажеме дека нешто ќе биде за брзо, без да се врземе за точно време.

„Само момент“ - израз што трае 600 години

Интересно е што луѓето продолжиле да го користат овој израз, иако го заборавиле неговото вистинско значење. Она што некогаш означувало прецизен временски опсег, денес е метафора за трпение, чекање или ненадеен настан.

И покрај тоа, идејата дека еден момент трае 90 секунди и натаму живее во историските записи и во научните објаснувања за развојот на мерењето на времето.

Извор: 24sedam.rs
Фото: Pixabay
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот