X
 24.01.2019 Живот

Заменик-фирерот Рудолф Хес не бил заменет со двојник во затворот

Теоријата на заговор дека нацистичкиот воен злосторник Рудолф Хес е заменет со двојник во затвор дефинитивно е побиена.

Со години кружеше приказна дека затвореникот број 7 во берлинскиот затвор „Шпандау“ бил заменета личност внесена со цел да го заземе местото на заменик-фирерот на Третиот Рајх.

Но, научниците направиле анализа во која споредиле примерок од крвта на затвореникот и на живи роднини на Хес за да ѝ стават крај на оваа теорија. На крајот се докажало дека затвореникот навистина бил Рудолф Хес.

- Да немаше поклопување на примероците, тоа би ја поддржало теоријата за замената, но ние имаме поклопување - истакна професорот Јан Кемпер-Кислих од Универзитетот во Салцбург, кој е коавтор на истражувањето.

Станува збор за Рудолф Хес, кој му бил заменик на Хитлер во партијата. Хес бил заробен во 1941 година по слетувањето во Шкотска, каде што најверојатно сакал да преговара за склопување мир. Тој бил држен в затвор на повеќе локации, меѓу другото, и во Лондонската кула, пред да добие доживотна казна затвор на судење во Нирнберг.

Во 1947 година бил одведен во затворот „Шпандау“ и таму останал до 1987 година, кога извршил самоубиство. Во тој момент веќе бил единствениот затвореник во тој затвор.

Но, пред да стигне во „Шпандау“, се раширила теоријата дека станува збор за двојник.

Авторот на истражувањето вели дека лекарот во затворот бил еден од оние што верувале во таа теорија бидејќи имал сомнежи околу неговото патување во Шкотска, одбивал да ги види роднините сè до 1969 година и пател од наводна амнезија.

Како што пишуваат западните медиуми, теоријата кружела и меѓу припадниците на највисоките ешалони од политичкиот живот, вклучувајќи го тука и поранешниот претседател на САД, Френклин Рузвелт. Фамилијата на Хес ги негирала таквите тврдења.

Во трудот објавен во списанието „Форензик сајенс интернешенл генетикс“, Кемпер-Кислих и колегите пишуваат дека нивниот заклучок се заснова на анализа на примероци на крв земена од затвореникот во 1982 година.

Примерокот бил херметички затворен и чуван за истражувачки цели од страна на другиот автор на студијата, Рик Вол, кој инаку е поранешен патолог во американската војска.

Инаку, телото на Хес е ископано и кремирано во 2011 година за да се избегне можноста неговиот гроб да стане место за собирање на неонацисти.

Истражувачкиот тим пронашол далечен роднина на Хес, чиј идентитет не е откриен. Наводно станува збор за маж кој се согласил да му земат примерок од ДНК.

Кемпер-Кислих објасни дека клучот е во Y-хромозомите.

- Обично ДНК-маркерите што се користат за утврдување на татковството не функционираат кога станува збор за далечни роднини. Но, од друга страна, знаевме дека на двата примерока, ако затвореникот со број седум навистина е Хес, ќе се види дека станува збор за лица што имаат исто потекло - вели тој.

Авторите наведоа и дека лицата што работеле на анализа на примероците не ја знаеле заднината на приказната и што всушност испитуваат. Крајните резултати покажуваат дека двете лица чии примероци се анализирани се 99,99 отсто во сродство.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот