X
 09.10.2025 Живот

Откриен биолошки доказ за продолжен ковид

Ново истражување откри прв биолошки доказ за продолжен ковид, односно за таканаречената „мозочна магла“ што ја чувствуваат луѓето по прележување ковид-19, соопштија научниците.

Експерти од Јапонија идентификувале можен биолошки причинител на овој долготраен симптом и прецизирале дека станува збор за мерлив, молекуларен нарушувач во мозокот.

Тимот од Универзитетот во Јокохама, предводен од професорот Такуја Такахаши, открил дека лицата со продолжен ковид имаат значително зголемена активност на АМПА-рецепторите, молекули што играат клучна улога во процесите на учење и помнење.

Овие рецептори дејствуваат како клучни комуникациски центри меѓу мозочните клетки кои и претходно биле поврзувани со менталното здравје и со невролошки состојби како депресија, шизофренија и деменција.

Користејќи нова техника на снимање, истражувачите го скенирале мозокот на 30 пациенти со продолжен ковид и ги споредиле резултатите со оние на 80 здрави доброволци. Откриле дека густината на АМПА-рецепторите е значително поголема кај пациентите, а колку е поголема нивната активност, толку се поизразени когнитивните симптоми.

Таканаречената „мозочна магла“ е општ термин за когнитивни нарушувања, како слаба концентрација, лоша меморија и забавено мислење, и претставува еден од најчестите симптоми по ковид-19.

Милиони луѓе што страдаат од продолжен ковид имаат проблем при извршување на работните задачи, учење или секојдневни активности. Досега научниците се соочуваа со големи предизвици да пронајдат јасни биолошки маркери што би објасниле зошто доаѓа до овие промени.

Според податоците на Светската здравствена организација, приближно шест од 100 лица што прележале ковид-19 подоцна ја развиваат оваа состојба.

Извор: Atvbl.rs
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот