X
 24.06.2025 Живот

Астероидот „убиец на градови“ повторно претставува закана за Земјата

Иако астероидот „2024 YR4“, откриен во декември 2024 година, првично се сметал за потенцијална закана за Земјата, подоцнежните процени ја исклучиле можноста за директен удар. Сепак, астрономите предупредуваат дека опасноста не е целосно надмината, но сега се однесува на Месечината. Удар на нејзината површина би можел да предизвика распрскување на фрагменти во вселената, од кои некои би можеле да завршат и на Земјата.

Според научникот Пол Вигерт од Универзитетот Западен Онтарио во Канада, астероидот има 4,3 отсто шанси да удри во Месечината. Според најновите податоци, пред да стане повторно видлив во 2028 година. Но, последиците од таков удар не би останале ограничени само на површината на Месечината.

Најголем лунарен удар во последните 5.000 години?


Тимот на Вигерт извршил 10.000 симулации на можен судир, а резултатите покажале дека „YR4“ би можел да создаде кратер широк и до еден километар, што би претставувало најсилен удар на Месечината во последните пет милениуми.

- Малку нѐ изненади можноста значителна количина материјал да стигне до Земјата. Интуитивно, Земјата изгледа како доста мала цел гледана од Месечината, но излегува дека нејзината гравитација може да го насочи тој материјал под одредени услови - вели Вигерт.

Сателитите во ризик

Иако самите делчиња не би го загрозиле опстанокот на Земјата, тие би можеле сериозно да ги оштетат сателитите во нејзината орбита. Вигерт предупредува дека такви честички би можеле да предизвикаат штета што обично се појавува по години абење, и тоа за само неколку дена.

- Ако погодат дел од леталото како што е цевка за ладење, сензор изложен на вселената или антена, тогаш одеднаш доаѓа до губење на таа функционалност. Не можете да отидете и да го поправите сателитот. Помал проблем веднаш станува сериозен проблем - истакнува Марк Барчел од Универзитетот во Кент, кој не учествувал во истражувањето.

Време е да се прошири планетарната одбрана?

Вигерт смета дека планетарната одбрана не треба да се фокусира исклучиво на Земјата, туку и на потенцијалните закани поврзани со Месечината. Портпаролот на Канцеларијата на НАСА за координација на планетарна одбрана изјавил дека нивна моментална задача е идентификација на објекти во близина на Земјата кои директно ѝ се закануваат, но дека сè уште е рано да се зборува за конкретни мерки во случај „YR4“ да удри во Месечината.

Астероидот ќе стане повторно видлив дури во 2028 година, кога астрономите ќе имаат нова можност да го набљудуваат. Доколку ризикот од удар се зголеми, човештвото би можело да има само четири години за реакција.

Извор: Zimo.dnevnik.hr
Фото: webbtelescope.org
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот