X
 24.06.2025 Наука

Научниците можеби сериозно згрешиле при пресметката на бројот на луѓе на Земјата

Хомосапиенс е најуспешниот цицач во историјата на Земјата и тоа без конкуренција. Луѓето опстојуваат на речиси секој континент, во различни и често сурови услови, и го надминуваат второпласираниот, стаорецот, за најмалку милијарда. Сепак, ново истражување сугерира дека човечката популација можеби е многу погрешно претставена.

Иако глобалната бројка на население се проценува на околу 8,2 милијарди, Жосијас Ланг-Ритер, постдокторски истражувач од Универзитетот „Аалто“ во Финска и главен автор на истражувањето објавенo во списанието „Нејчр комјуникејшнс“, тврди дека овие процени можат значително да ги потценуваат руралните подрачја.

- Бевме изненадени од тоа колку всушност населението што живее во селските области е поголемо отколку што покажуваат глобалните податоци, зависно од базата на податоци, руралното население било потценето меѓу 53 и 84 отсто во испитуваниот период. Овие резултати се зачудувачки бидејќи овие бази на податоци се користени во илјадници студии и се основа за носење одлуки, но нивната прецизност никогаш не била систематски оценета - вели Ланг-Ритер.

Како точно се тестира точноста на глобалните податоци за население?

Со својата експертиза во управување со водни ресурси, Ланг-Ритер пристапил кон различен тип на податоци: оние добиени од проекти за изградба на брани во рурални средини. Точно 300 вакви проекти во 35 земји. Овие информации, кои ги опфаќаат годините од 1975 до 2010, обезбедиле обемна база за споредба со податоци од организации како „Ворлдпоп“, „Џи-даблју-пи“, „ГРУМП“, „Лендскен“ и други.

- Кога се градат брани, се поплавуваат огромни површини и луѓето мора да се преселат. Попишувањето на преселеното население обично е многу прецизно бидејќи компаниите за брани им плаќаат обесштетување на засегнатите. За разлика од глобалните пописни податоци, овие локални извештаи даваат точни информации на терен, неискривени од административни граници. Потоа ги комбиниравме со просторни податоци од сателитски снимки - вели Ланг-Ритер.

Потценувањето на руралните области може да има реални последици

Овој несогласен податок, делумно, може да произлегува од тоа што многу земји немаат капацитет за прецизно прибирање податоци, а и пристапот до оддалечени рурални региони го отежнува попишувањето. Масовното потценување на руралното население би можело да има сериозни последици за тие заедници бидејќи пописите се клучни за распределба на ресурси.

Стјуарт Гител-Бастен од Универзитетот за наука и технологија во Хонгконг вели дека иако е корисно да се инвестира повеќе во прибирање податоци од рурални области, тврдењето дека Земјата има неколку милијарди луѓе повеќе отколку што мислиме е екстремно малку веројатно.

- Ако навистина потценуваме за толкава бројка, тоа би било огромна вест и би противречело на децении податоци од илјадници други извори - вели тој.

Кога се обидувате да преброите толку голема популација, стотици или дури илјадници луѓе може да останат незабележани. Но, неколку милиони или милијарди би ја превртеле нашата слика за човечкото присуство на оваа планета. На научниците ќе им треба уште многу докази пред да почнат да ги преиспитуваат децениите на пописна методологија.

Извор: Popularmechanics.com
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука