Александар Николовски е реизбран за претседател на Универзитетското студентско собрание при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, студент е на постдипломски студии на програмата Монетарна економија, финансии и банкарство, претседавач на Националното студентско тело, член на Советот на млади при Кабинетот на претседателката на државата, дел од Интеруниверзитетската конференција и Ректорската управа на УКИМ. Посветен е на креирање позитивни општествени промени, унапредување на студентскиот стандард и квалитетот на високото образование.
Шангајската листа е недостижна за македонските универзитети. Што мислите дека треба да се подобри за УКИМ да стигне меѓу првите 1.000 рангирани универзитети?
Според мене, најважни се финансиските вложувања од страна на државата, во случајов Министерството за образование и наука да вложува повеќе во науката, односно научноистражувачката работа. Без доволно финансиски средства кои се потребни на Универзитетот да ја развива науката, пристапот до најдобрите бази, средства за обнова и реновирање на лабораториите и набавка на потребната опрема, УКИМ не може да се најде на листата.
Потребна е издржана евалуација на постојните студиски програми
Се отворија факултети, што би се рекло, во секој град. Дали ова е оправдана стратегија и колку придонесува за тоа да имаме силни универзитети?
Квалитет наспроти квантитет е една од клучните цели на Студентскиот манифест кој го донесе Универзитетското студентско собрание на УКИМ. Според нас, потребно е да се спроведе евалуација на постојните студиски програми, но навистина издржана евалуација која ќе утврди што ни е потребно како високообразовен систем според потребите на пазарот на работна сила и во колкава мера, односно колкав број факултети, т.е. универзитети ќе бидат основани. Во однос на организираноста, потребен е национален консензус за ова прашање и според потребите да се направат структурите на високообразовниот систем. Во држава со 1,8 милиони жители, се соочуваме со 7 јавни високообразовни институции и уште 27 приватни. Затоа е потребна евалуација и утврдување на вистинските потреби на системот.
Најквалитетните студенти сѐ уште се запишуваат на УКИМ
Како факултетите во земјава да ги задржат студентите дома, да не заминуваат во странство?
На истиот начин и со истите услови со кои факултетите ги привлекуваат нашите студенти да заминат таму, односно квалитет наспроти квантитет.
Има тези дека најдобрите студенти ни заминуваат во странство, колку УКИМ успева да привлече квалитетни студенти?
Голем број квалитетни студенти, односно најквалитетните сѐ уште се запишуваат на УКИМ, иако бројот на запишани студенти е опаднат во последните години.
Кои се најприоритетните проблеми со кои се соочуваат студентите на УКИМ?
Поради промената на барањата на пазарот на труд и процесите што се случуваат, потребни се поиновативни и попрактични студиски програми, воведување интердисциплинарни студии и пократки стручни студии. Понатаму, унапредување на условите за одвивање на наставниот процес, модернизирање на универзитетските кампуси и инфраструктурата во нив, како и поголема соработка со бизнис-заедницата. Тоа се работите што треба да се менуваат на универзитетот.
Сумата на студентскиот оброк да расте согласно трошоците за живот
Дали се задоволителни условите во студентските домови? Навистина е фрустрирачко државата да има толку домови, а родителите на студентите од внатрешноста кои студираат во Скопје да мора да плаќаат високи цени за изнајмување приватни станови.
Во најголем дел од студентските домови во државата условите не се задоволителни, повторно поради нерентабилноста на работата на домовите. Тие немаат доволно средства за да функционираат во услови кои ќе бидат задоволителни. Во моментов, поради тоа што два студентски дома се во фаза на реновирање, намалени се капацитетите за сместување во Скопје. Но, генерално, освен условите во студентскиот дом „Гоце Делчев“, кој е неодамна реновиран, условите во другите домови навистина не се на нивото на кое би требало да бидат. За среќа, во тек е проект за реконструкција на сите студентски домови, кој очекуваме навремено да биде завршен, за условите навистина да се подобрат.
Што треба да се смени во студентскиот оброк за студентите поквалитетно да се хранат?
Сумата за оброк да расте согласно растот на трошоците за живот, понатаму да биде зголемен опсегот за користење на мерката. Студентите што работат или се регистрирани како индивидуални земјоделци и студентите на втор циклус студии да се здобијат со ова право. Зголемување на едукацијата за користење на мерката, зголемување на бројот на ресторани и маркети кои ќе нудат промотивни пакети за студентски оброк, како и приспособување на мерката кон користење здрав оброк.
Бараме попусти за билетите за меѓуградски превоз или нивно субвенционирање
На прагот сме на нов семестар, ќе имаат ли студентите бесплатен превоз во Скопје? И дали се подготвуваат одредени поволности за оние од другите градови што студираат во Скопје, а патуваат со автобуси?
Студентите ќе имаат бесплатен превоз во Скопје и оваа академска година. Имаме доставено барање до Министерството за транспорт и врски, но и предложени законски измени во Законот за студентски стандард за регулирање на студентскиот превоз како дел од студентскиот стандард. Она што е испратено како барање до Министерството за транспорт и врски е токму тоа: попусти за билетите за меѓуградски транспорт или, пак, субвенционирање.
Колку властите имаат слух за проблемите на студентите?
Доколку активно притискате за одредени процеси да бидат променети, властите имаат слух. Досега навистина десетици барања ни биле афирмирани и прифатени, но за подлабоките проблеми, потребно е време.
Законски измени за унапредување на студентскиот стандард
Какви активности преземате во моментов за подобрување на студентскиот живот и стандард?
Во моментов се спремаат измени на Законот за високо образование, Законот за студентски стандард за подобрување на квалитетот во високото образование и унапредување на студентскиот стандард, нов Закон за студентско организирање и измена на одредени правилници за финализирање на дел од процесот на дигитализација на УКИМ. Преку овие измени, доколку бидат усвоени, навистина ќе има одредени поместувања во високото образование. Понатаму, активно работиме на подигнување на студентскиот активизам и унапредување на вештините на студентите преку организирање на многубројни настани, конференции, тим-билдинзи и работилници. Се грижиме и за културно-спортскиот живот на студентите преку работата на Студентскиот културен центар, но и на разни настани во градот. Изминатата година беше една од клучните за студентското организирање во земјата со формирањето на Националното студентско тело како обединувачка организација на универзитетските студентски собранија. Дополнително, првпат е напишан Закон за студентско организирање, со кој ќе биде формиран и Совет на универзитетски студентски правобранители. Во текот на следната година ќе работиме на законско решение за воведување студентска работа, зачленување на Националното студентско тело во Европската студентска унија, подобрување на мерките за подигнување на студентскиот стандард, иницијативи за подобрување на студиските програми, зајакнување на капацитетите на факултетските собранија и продлабочена соработка со институциите, организациите и бизнис-заедницата.
Фото: приватна архива