Кога на некоја намирница ќе ѝ истече рокот на траење, обично внимателно ја прегледуваме и ја помирисуваме за да процениме дали сè уште е безбедна за јадење. Човечкиот нос може да биде сигурна алатка, но не секогаш открива сè.
Истражувачите од Универзитетот на Калифорнија, Беркли, создадоа електронски „нос“, односно сензорски систем што ги користи изгледот и мирисот за да утврди дали одредена храна е безбедна за консумирање.
Овој „нос“ не само што може да препознае дали храната е расипана, туку може да открие и присуство на вообичаени алергени, како што се кикиритките, кои можат да бидат смртоносни за луѓето со силни алергиски реакции.
Електронскиот „нос“ користи 16 минијатурни сензори во комбинација со софтвер за да ги препознае хемиските траги во воздухот што се поврзани со расипувањето на храната и присуството на чести алергени.
Фото: Brandon Sánchez-Mejia/UC Berkeley
- Можете да го замислите како збир од дигитални пупки за вкус, при што секој сензор на овој чип реагира на единствен начин на различните молекули на гасови на кои е изложен - објаснува Карла Басил, главната авторка на истражувањето.
Истражувачите веруваат дека во иднина овој систем би можел да се интегрира во паметни апарати за домаќинство, со цел да им помогне на луѓето полесно да одлучуваат што да јадат.
На пример, оваа технологија би можела да биде вградена во фрижидери опремени со сензори. Замислете фрижидерот да ви каже: „Треба да го искористиш спанаќот што е можно побрзо затоа што наскоро ќе се расипе“ или „Сега е вистинско време да го подготвиш она парче месо“.
Досега системот бил тестиран на свежи и расипани примероци од млеко, јајца и пилешко месо, како и на алергени како јагоди, ореви и кикиритки. Сепак, потребни се дополнителни тестирања пред електронскиот „нос“ да почне да се користи за комерцијални цели.
Извор:
Berkeley.edu
Фото: Brandon Sánchez-Mejia/UC Berkeley