X
 24.08.2018 Технологија

„Фејсбук“ повторно поврзан со скандал - 4 милиони корисници загрозени

Уште една популарна апликација на „Фејсбук“ се покажа дека ги злоупотребува корисничките податоци.

Имено, „Фејсбук“ објави дека го укина пристапот на апликацијата „myPersonality“ бидејќи ги споделува информациите со истражувачите и компаниите.

Станува збор за апликација што корисниците ја користеле пред 2012 година, но до пред некој ден имала пристап до корисничките податоци. Бидејќи авторите на апликацијата го одбиле барањето на „Фејсбук“ за ревизија на пристапот, социјалната мрежа ја блокирала апликацијата.

- Како последица на тоа, ќе известиме околу 4 милиони луѓе што избрале да ги споделат податоците од „Фејсбук“ со оваа апликација, која можеби ги злоупотребувала - пишува Име Арчибонг од „Фејсбук“ и додаде дека засега нема никакви докази дека апликацијата имала пристап до податоците на пријателите на корисниците.

fb
Фото: AFP


На веб-страницата на „myPersonality“ пишува дека во мај 2018 година страницата одлучила да престане да ги споделува податоците со истражувачите.

- Нашите корисници можеа да изберат (но не мораа) да ги донираат своите податоци од „Фејсбук“ за наше истражување. Околу 40 отсто не го направија тоа. Следејќи ги принципите на отворена наука, им овозможивме на други истражувачи пристап до анонимните податоци што може да ги користат за некомерцијални академски истражувања. Никогаш не ги споделивме податоците за комерцијални цели - пишува на страницата.

Исто така, додаваат дека немаат врска со „Кембриџ аналитика“ и дека никогаш не им дале пристап на податоците што ги собрале преку апликацијата „myPersonalitу“.

За потсетување, откако во март излезе скандалот со „Кембриџ аналитика“, а во јавноста стигна информација дека податоците на милион фејсбук-корисници биле користени за да влијаат врз нивните одлуки, „Фејсбук“ започна со голема ревизија на апликациите.

Од „Фејсбук“ известуваат дека досега ревидирале илјада апликации, а забраниле повеќе од 400 поради начинот на кој ги обработувале податоците на корисниците од „Фејсбук“.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Технологија