X
 24.10.2018 Наша тема

Создавањето печат за деца е сериозна и одговорна задача. Од кои списанија учат децата во нашите градинки?

„Росица“, „Супер Смешка“, „Месечко“ се четивата што им стојат на располагање на родителите, децата и воспитувачките во градинка, а и дома

Детските списанија се важни помагала во работата на претшколски и школски установи. На позабавен начин децата ги утврдуваат и ги продлабочуваат знаењата што ги стекнале во градинка или на училиште, велат педагози.

Издавањето на детските списанија за претшколска возраст е регулирано со Законот за детска заштита. Факултети.мк истражуваше каква е понудата на нашите деца додека одат во градинка. Во процедурата на објавување и одобрување на списанијата се вклучени Министерството за образованиe и наука, преку Педагошката служба и Министерството за труд и социјална политика.

„Росица“ е детско списание со најдолга традиција за претшколска возраст

„Росица“ е со најдолга традиција и најмногу содржини

Вработените во градинките, во моментов со децата работат со три детски списанија - „Росица“, „Супер Смешка“ и „Месечко“.

Детското списание „Росица“, заедно со работниот прилог „Росица плус“ и прилог за родители „Росица за родители“, е најстаро детско списание за претшколска возраст. Издавач е „Просветно дело“ од Скопје, а првпат било објавено во 1977 година. Ова списание излегува на најмногу страници. Во него е вклучен тим од писатели, поети, педагози, се објавуваат авторски илустрации.

- Создавањето печат за деца е сериозна и одговорна задача зад која стои сериозна издавачка редакција, стручен редакциски совет, цел тим професионалци од повеќе области и врвни писателски и илустраторски имиња. Тоа бара целосна посветеност и почитување на високите светски, а особено европски стандарди. Кога станува збор за предучилишната возраст, тогаш одговорноста е уште поголема и за тие што создаваат и за тие што одобруваат, но и за тие што избираат што ќе му понудат на детето - вели проф.д-р Никола Петров, доајен на педагогијата во Македонија.

Претходник на списанието „Супер Смешка“, кое може да се најде во градинките, беше „Смешко“. Издавач е „Едука мак“ од Скопје. Најново детско списание од годинава е „Месечко“ на Издавачката куќа ,,Интеа Прес-Новак“ од Скопје.

Законски нема многу специфики кој сѐ може да издава списание и каква компетенција треба да има тимот што го работи списанието. Издавачите, во некои списанија се трудат да бидат застапени што е можно повеќе домашни автори, но и илустратори на цртежите. Во други, пак, тимот е помал.


Од Педагошката служба ни одговорија дека по ова прашање се повикуваат на член 173 од Законот за заштита на децата.

- Во установа за деца се употребуваат прирачници како воспитно-образовни материјали за реализација на активностите од страна на згрижувачко-воспитниот кадар, како и детски списанија кои се во функција на истите активности. Припадниците на заедниците кои воспитно-образовните активности ги изведуваат на јазикот на припадниците на другите заедници употребуваат прирачници и детски списанија на јазикот на соодветната заедница. Решение за одобрување и употреба на прирачниците и детските списанија донесува министерот, по претходно мислење на Педагошката служба. Установата за деца е должна најдоцна до месец октомври во тековната година на родителските средби, огласните табли и на веб-страницата на установата, на родителите да им ги претстави прирачниците и детските списанија што се одобрени со решение од страна на министерот. Родителите имаат право за своите деца да изберат прирачници и списанија кои се во функција за реализација на воспитно-образовните активности – стои во законот.


„Месечко“ е најново списание за децата во градинка

Не е важно каква компетенција имаат авторите

Според Педагошката служба, не се разгледува прашањето дали авторите на текстовите се веќе потврдени писатели за деца и колку писатели се застапени, како и дали е важно списанието да има авторски илустрации.

- Работа на службата е да направи компарација помеѓу Програмата за ран детски развој и содржинската определба на конкретното детско списание кое е предмет на разгледување. Педагошката служба нема механизам и законска обврска со која би можела да се констатира дали авторот на списанието користи или не илустрации преземени од интернет – стои во одговорот.

Согласно Законот за заштита на децата, во установите за деца се употребуваат прирачници како воспитно-образовни материјали за реализација на активностите од страна на згрижувачко-воспитниот кадар. Во моментов се употребуваат 20-ина такви прирачници.


Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема