X
 24.10.2025 Живот

Лоренс Воткинс од Нов Зеланд го има најдолгото лично име во светот, содржи 2.253 збора

За повеќето луѓе, запознавањето е кратка формалност: размена на имиња што трае само неколку секунди. Но, за Лоренс Воткинс, тој едноставен чин се претвора во неверојатен подвиг на издржливост. За да го изговори своето целосно име, кое содржи 2.253 збора, нему му се потребни цели 20 минути.

Ова беше најдобро прикажано на неговата прва венчавка во 1991 година, кога матичарот однапред ја снимил целата долга листа на неговото име. Додека гостите пиеле шампањ и се дружеле, снимката се пуштала сè додека не дошол моментот Воткинс конечно да каже да.

60-годишниот пензионер од Окланд, Нов Зеланд, го држи светскиот рекорд за најдолго лично име, титула што неодамна повторно му ја додели Гинисовата книга на рекорди, откако го преквалификувала неговиот првобитен рекорд од 1992 година за „најдолго христијанско име“.

Роден како Лоренс Грегори Воткинс во 1965 година, младиот Новозеланѓанец бил опседнат со емисијата „Рипли: Верувале или не“ (Ripley’s Believe It or Not!), која прикажувала неверојатни факти за извонредни луѓе, места и настани.

Интересот подоцна се проширил и кон Гинисовата книга на рекорди, која ја читал од корица до корица, што во него ја разбудило желбата еден ден и сам да се најде на нејзините страници.

- Бев фасциниран од тие луѓе што држат рекорди: најбрз, највисок, најсилен човек на светот, луѓе со најдолга коса, најдолги нокти и слично. Сфатив дека, како „обичен човек без посебен талент“, мојата најголема шанса лежи во тоа да имам најдолго име на светот - изјави Воткинс.

- Единствената друга опција беше рекордот за најголема разлика во висина меѓу сопружници. Тогашниот рекордер беше Јужноафриканец висок околу 188 см, чиja сопруга имала само 91 см. Освен ако не се оженев со некоја уште пониска, тоа едноставно немаше да се случи - се шегува тој.

Воткинс, кој сега е австралиски државјанин и живее во Сиднеј, го поминал следниот месец создавајќи го своето ново име. На една дактилографка ѝ платил околу 230 долари за да го запише на хартија.

Инспирација нашол од латински и староанглиски имиња, имиња на познати личности, книги за имиња од библиотеката во Окланд каде што работел, како и во маорскиот речник. Иако нема маорско потекло, Воткинс изјавил дека има длабока почит кон луѓето што го зборуваат маорскиот јазик.

Неговото име било испечатено на шест страници, со неколку грешки што не можеле лесно да се исправат на машина за пишување. Во 1990 година, тој поднел официјално барање за промена на името. Окружниот суд во Окланд ја прифатил молбата, но последната пречка ја поставил главниот матичар, кој ја одбил промената.


- Ми рече дека единствен начин да го добијам новото име е да тужам на Врховен суд. Владата тогаш немаше правна основа да го одбие моето барање, па победив - раскажува Воткинс.

По добиената судска постапка, Воткинс официјално го добил своето ново име и во март 1992 година примил сертификат од Гинисовата книга на рекорди за „најдолго христијанско име на светот“, со вкупно 2.310 збора.

Минатиот месец рекордот повторно бил ревидиран и прекласификуван како „најдолго лично име на светот“ со 2.253 поединечни имиња.

Во секојдневниот живот, Воткинс сега го користи името Лоренс Алон Алој Воткинс, а се потпишува како Воткинс V, што означува петта генерација.

Сепак, неговото полно име зафаќа седум страници во изводот од матична книга на родени, а за неговиот оригинален пасош биле потребни дополнителни шест страници.

По оваа судска победа, Нов Зеланд измени два закона, со што ја затвори можноста некој друг да направи слична промена.

Денес, граѓаните не смеат да усвојат имиња што содржат официјални титули или чинови, навредливи зборови, броеви, симболи или имиња подолги од 70 знаци, вклучувајќи и празни места.

Извор: Detinjarije.com
Фото: Instagram
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот