X
 24.11.2021 Наука

Вселенско леталo на НАСА ќе удри во астероид за да избегне иден армагедон

НАСА лансира вселенско летало кое намерно ќе се судри со астероид за да се обиде да ја промени неговата орбита - првпат човештвото ќе се обиде да се „вмеша“ во гравитациониот танц на Сончевиот Систем.

Целта е да се тестира планетарен одбранбен систем кој би можел да спречи несреќа каква што им се случила на динсоаурусите, обезбедувајќи ги првите вистински податоци за тоа што би било потребно за да се одврати астероидот што потенцијално би можел да предизвика армагедон.

Нашата планета постојано е „бомбардирана“ со мали парчиња отпад, но обично тие горат или се распаѓаат долго пред да удрат на Земјата. Но, одвреме-навреме се случува да се појави нешто доволно големо за да направи значителна штета ако удри на Земјата. Се смета дека еден таков удар, пред околу 66 милиони години, била причина за уништување на диносаурусите, исфрлајќи огромни количества прашина и отпад во горната атмосфера, што го заматило Сонцето и предизвикало колапс во синџирите на исхрана. Еден ден нешто слично би можело да ни се случи и нам, освен ако не најдеме начин да се справиме со него.

Мисијата на НАСА за тестирање за пренасочување на астероиди (Дарт) е првиот обид да се тестира дали таквото отстранување астероид е реална стратегија: истражување дали вселенско летало може автономно да се движи до целниот астероид и намерно да се судри со него.

- Ова е првиот чекор за да се испроба начин за спречување удар блиску до Земјата. Ако функционира, би било голема работа, бидејќи ќе докаже дека имаме техничка способност да се заштитиме - вели Џеј Тејт, директор на Националниот информативен центар за објекти во близина на Земјата во Најтон во Паус, Велс.

Вселенското летало „Дарт“ со тежина од 610 килограми треба да полета од вселенската база Ванденберг во Калифорнија, на ракетата „Спејс екс Фалкон 9“, околу 6:21 часот. Неговата цел е системот „Дидмос“, безопасен пар астероиди составен од 163-метарски астероид наречен Диморфос, кој орбитира околу поголем астероид од 780 метри наречен Дидимос.

Додека орбитираат околу Сонцето, овие астероиди повремено минуваат релативно блиску до Земјата. Планот е вселенското летало да удри во Диморфос кога астероидниот систем ќе биде најблиску, некаде помеѓу 26 септември и 1 октомври 2022 година.

asteroid
Фото: Freepik

Околу 10 дена пред ударот, минијатурен сателит наречен „Лајт италијан кјубсат“ за сликање астероиди ќе се одвои од главното вселенско летало, што ќе овозможи сликите од ударот да се пренесат назад на Земјата. Овие снимки треба да им овозможат на научниците да го пресметаат степенот до кој ударот ја променил орбитата на Диморфос.

Очекувањата се дека ќе ја промени брзината на помалиот астероид за 1 отсто и ќе го смени неговиот орбитален период околу поголемиот астероид за неколку минути.

Во ноември 2024 година, вселенското летало „Хера“ на Европската вселенска агенција ќе го посети системот Дидимос и ќе спроведе дополнителна анализа за последиците, и ќе се обиде да фати детали како што се прецизната маса и внатрешната структура на Диморфос, и големината и обликот на кратерот оставен од Дарт. Ваквите детали се од витално значење за трансформирање на отклонувањето на астероидот во скалабилна и повторлива техника, која би можела да се примени доколку некогаш биде откриен апокалиптичен астероид кој би се движел кон Земјата.

Дури и тогаш, малку е веројатно дека би била доволна некоја единствена стратегија за отклонување на астероидот.

- Претпоставувајќи дека ќе функционира, оваа мисија ќе ни ги даде вистините за ефектите на мал удар врз мал астероид. Проблемот е во тоа што нема два слични астероиди или комети, а како ќе уништите еден, зависи од огромен број променливи: од што е направен, како е составен, колку брзо се врти и, се разбира, колку време има - вели Тејт.

Иако ова може да биде еден мал чекор кон планетарна заштита, многу е поголема веројатноста дека ќе биде потребен за да се избегне армагедон.

Извор: The Guardian
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука