Со развојот на вештачката интелигенција и автоматизацијата пазарот на трудот се менува со забрзано темпо.
Вештачката интелигенција, автоматизацијата, зелената транзиција и демографските промени силно влијаат врз понудата на работни места. Некои професии веќе исчезнале, други се на пат кон исчезнување, додека нови можности се отвораат во области каде што се ценети човечките вештини.
Веб-страницата „Телеграф“ објави анализа на пазарот на труд под наслов „Работни места што ќе исчезнат и што ќе напредуваат во 2026 година“. Иако фокусот е ставен на пазарот во Обединетото Кралство, слични трендови се забележуваат и во други технолошки развиени земји.
Исчезнување на рутинските професии
Во Британија невработеноста моментално е на највисоко ниво во последните пет години, платите стагнираат, а работодавците го намалуваат бројот на работниците. Поради вештачката интелигенција, која презема повторливи задачи, една од шест компании планира да го намали бројот на вработени.
Најпогодени се административните, канцелариските и рутинските финансиски работни места, па дури и дел од работните позиции во осигурителниот сектор. Работниците во малопродажбата ги заменуваат самопослужни киосци, автоматизирани продавници и онлајн купување. Дел од медиумските и маркетиншките задачи ги презема „Чет-ГПТ“, додека возачите и доставувачите се заменуваат со дронови и автономни возила.
Здравството и ИТ-секторот бараат нов кадар
Сепак, ситуацијата не е целосно негативна. Здравствената и социјалната грижа, особено негата на стари лица, бележи значителен раст. Во Велика Британија платите во овој сектор минатата година пораснале за 8,8 отсто, а побарувачката за негуватели, медицински сестри и персонал во домови за стари лица постојано расте. Главната причина е стареењето на населението.
Работни позиции како инсталатери на соларни панели, техничари за ветерни електрани, експерти за енергетска ефикасност и инженери за енергетски ефикасни проекти создаваат илјадници нови работни места, најмногу поради целите на зелената транзиција.
Технолошките и ИТ-професиите, особено оние поврзани со вештачка интелигенција, сајбер-безбедност и управување со податоци, доживуваат експанзија. Паралелно расте и побарувачката за наставници, обучувачи за преквалификација и ментори во СТЕМ-областа, како и за експерти за ментално здравје.
Извор:
N1info.hr
Фото: Freepik