X
 25.05.2020 Живот

Како настанале првите штафети на младоста за Тито?

Штафетата на Црна Гора, која тргна од Бариловац, каде нашите единици го пробија обрачот во Петтата офанзива, изработена е од дрво старо 13 години, исечено покрај гробот на легендарниот командант Сава Ковачевиќ. Мислите ми одлутаа 13 години наназад. Се сетив и на оние неколку пати кога во војната го видов другарот Тито. Сега настапува момент кога непосредно ќе му се обратам.

Мај 1982: Идејата потекнала од младинците од Крагуевац уште во 1945 година, кога првите штафети со роденденски честитки му беа врачени на другарот Тито на 26 мај во Загреб. Неколку години подоцна, кога се одбележуваше 10-годишнината од победата, другарот Тито изрази желба во иднина 25 мај да се прославува под името Ден на младоста, а желбите и поздравите од сите краишта да се слеваат во една штафета која би се викала Штафета на младоста.

Сеќавањето на таа последна година, кога штафетите му биле врачувани на Тито поединечно, во Белиот дворец на Дедиње, го раскажува Ѓорѓе Торбица, инженер-полковник на ЈНА во пензија.

-Имав среќа и чест на Врховниот командант на вооружаните сили на СФРЈ, маршалот Тито, да му ја предадам штафетата на Југословенската народна армија во 1955 година за неговиот 63 роденден и токму таа година кога славевме 10-годишнина од победата.

Во војната и подоцна се среќавав со разни искушенија, па и признанија, но признанието кое ми е дадено како мајор на ЈНА до ден-денес ми е најдраго.

Не е ни малку едноставно ни лесно да се стои пред Врховниот командант, да му се пренесат поздравите и притоа да не се подлегне на возбудувањето поради чувството на одговорност.

Бев сигурен во себе иако знаев - во човекот може нешто и да изневери кога ќе наиде плимата на возбудувањето.

Поради тоа одлучив да не го учам мојот поздравен говор, туку да зборувам што е можно пократко, војнички, така и можноста да се збунам беше најмала.

Во очи роденденот на Тито ги запознав и останатите носители на штафети. Се собравме на заедничка вечера, сите бевме подеднакво среќни, возбудени и сите по малку загрижени дали точно ќе ја изговориме поздравната порака.

Се сетив како пред неколку години славниот ски-скокач Јанез Полда се збуни при предавањето на штафетата на другарот Тито. Другарот Тито се насмевна и го прегрна со разбирање.

На спортистот Полда тоа смееше да му се случи, размислував, но на мене, војник...

По свечената вечера заминав на спиење, иако таа ноќ не ми доаѓаше сон на очи. Утредента тоа ми го признаа и останатите носители на штафети.

Според протоколот, јас прв ја предавав штафетата, а бидејќи за разлика од останатите носители на штафети облечени во лесна спортска облека, бев во униформа, на Врховниот командант требаше да му пријдам со војнички лесен чекор.

Се сеќавам, беше прекрасен ведар ден. Белград целиот во цвеќиња и знамиња, во мајско зеленило. Ние пред капијата на Белиот дворец во попладневните часови ги чекавме оние кои штафетата ќе ја донесат од стадионот на ЈНА.

Покрај нашето зарекување дека ќе ја зачуваме присебноста, сите бевме по малку нервозни.

Тука слушнавме интересен детаљ: штафетата на Црна Гора, која тргнала од Бариловац, каде нашите единици го пробиле обрачот во Петтата офанзива, изработена е од дрво старо 13 години, исечено покрај гробот на легендарниот командант Сава Ковачевиќ.

Мислите ми одлутаа 13 години наназад. Се сетив и на оние неколку пати кога во војната го видов другарот Тито. Сега настапува момент кога непосредно ќе му се обратам.

Конечно, стасаа со штафетите, ни ги предадоа нам и ние потрчавме преку дрворедот и зеленилото во правец на Белиот дворец украсен со знамиња, покрај построените офицери во свечени униформи речиси несвесни за тивките звуци на маршот кои придонесуваа за свеченоста на моментот.

На штафетата на ЈНА, која ја држев гордо и цврсто, се наоѓаше фигура на партизан.

На платото, покрај микрофонот и на голем шарен тепих, го здогледав Врховниот командант во маршалска униформа. До него водеше долг црвен тепих чиј почеток за мене значеше почеток на војничкото одење.

Според протоколот, пред сите другарот Тито требаше да го поздрават пионирите, што на нас кои ја претрчавме последната етапа од штафетата би ни дало шанса малку да здивнеме.

Но, пионирите побрзаа, му ги предадоа на славеникот букетите со пролетно цвеќе и им се придружија на поканетите за да ја гледаат церемонијата.

Гледајќи дека другарот Тито нѐ очекува, добив голема храброст и самодоверба, тргнав по црвениот тепих и застанав тому пред него, а потоа гласно го кажав следниот поздрав:

-Другару Маршале, Југословенската народна армија ви испраќа другарски поздрави и желби уште долго така мудро и јуначки да ја водите. Да ни живеете другару Маршале, на среќа и гордост на нашите народи!

Додека го кажував тоа ми се чинеше како тоа да не сум јас, а потоа го забележав погледот на другарот Тито, неговите очи, за кои не можев да одредам дали се сини или зеленкасти, но кои ме бодреа и правеа да се чувствувам целосно сигурен.

Оние кои биле во контакт со другарот Тито го знаат тој негов поглед...

Тој влева сила и самодоверба.

Без оглед на сѐ што во свеста имав како борец и како офицер на ЈНА, подоцна, сфатив дека другарот Тито е чивек по кој мора да се оди, што се вели, и во оган и во вода.

Кога ги прими честитките и штафетите, нѐ повика заедно со највисоките државни и партиски раководители да бидеме гости на закуска во салонот.

Пуштајќи прво да влезат Милка Бабовиќ (носител на штафетата од Хрватска) и Вера Мариќ (незаборавна шампионка во гимнастика која ја предаде штафетата на Србија), другарот Тито некако ми се најде зад грб.

Според протоколот тоа беше сосема во ред, но се почувствував како попарен и веднаш му направив пат - според војничките правила мајорот никако не смее да оди пред маршалот.

За време на закуската другарот Тито беше многу расположен и со сите разговараше насмеан и љубезен. Покажувајќи на присутните новинари, се насмеа:

-Внимавајте, овие зад вас ќе запишат сѐ што зборуваме!

Другарот Тито седеше меѓу Милка Бабовиќ и Вера Мариќ, а до нив другарите Моша Пијаде и Едвард Кардељ...

Мене ми се падна местото покрај другарот Моша, кој постојано се грижеше да не останам непослужен.

Всушност, забележа дека и не ми е до јадење - бев среќен што сѐ помина добро, како што сакав да биде, а сѐ друго не ми се чинеше важно.

Ете, на сѐ тоа се сеќавам и денес, после 20 години и сѐ уште на усните ми одѕвонуваат завршните зборови од мојот „рапорт“:

-Да ни живеете, другару Маршале, на среќа и гордост на нашите народи!

Напишал: Ѓорѓе Торбица

Извор: Yugopapir (Nada, мај 1982)
Насловна фотографија: Yugopapir

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот