X
 02.12.2025 Живот

Како луѓето ја замислувале Југославија во 21 век: „Ќе живееме 150 години и ќе бидеме како Шведска“

Сите знаеме што нè дочека на почетокот на 21 век, но во 60-тите години луѓето во Југославија верувале дека поинаку ќе се развиваат работите.

„Југославија во 21 век“ била тема што пред 45 години била исклучително интересна. Имало многу прашања, а луѓето најмногу ги интересирало што може да се очекува од технолошкиот напредок и што сè ќе биде достапно за човекот.

Темата за иднината во 1969 година ја започнал Стане Станчиќ, тогашен уредник на весникот „Борба“.

Многу угледни експерти и аналитичари го дале своето мислење за тоа како ќе изгледа Југославија во 21 век. Тие предвидувале трансплантација на органи, нови начини на телекомуникација, напредни медицински техники, но не го предвиделе распадот на Југославија.

- Визијата за животот што нè очекува по три децении, а која ќе ја дочекаат две третини од денешните Југословени, не е интересна само како збир на атрактивни претпоставки и на податоци за животниот стандард за кој денес само сонуваме, туку и како многу сериозно предупредување дека во секој сегмент од животот е неопходно долгорочно планирање - се наведува во текстот пренесен на блогот „Југопапир“.

Американските футуролози го гледале светот во 2000 година како поделен на шест групи: изразено постиндустриски (60 до 200 долари по жител), во развој (200 до 600 долари), зрело индустриски (600 до 1.500 долари), високо индустриски (1.500 до 4.000 долари), рано постиндустриски (4.000 до 16.000 долари) и највисока група, високо постиндустриски (над 16.000 долари по жител).

Според пресметките на економистот Милош Синѓиќ, Југославија во 2000 година требало да остварува 2.520 долари по жител, односно да биде во групата високо индустриски земји.

- Во тој случај би достигнале ниво на стандардот што го имала Шведска во 1965 година, земја што денес е една од најбогатите во светот. Југославија за 30 години ќе има и 10 милиони жители повеќе од денес, односно околу 30 милиони - пишува во тогашниот текст.

Во 1969 година експертите тврделе дека ќе се промени и остатокот од светот. Тие предвиделе нови телекомуникации, а за 2000 година најавиле и нови видови материјали отпорни на високи температури.

- Жените ќе купуваат фустани за еден ден. Можно е, иако е мала веројатноста да се случи до крајот на векот, да се овозможи директен пристап до меморијата на човекот, зголемување на интелектуалните способности преку поврзување на мозокот со компјутери, како и видливо подмладување и продолжување на човечкиот век до 150 години - се наведува во текстот.

Било истакнато и дека во 2000 година ќе се применува хемиска и биолошка контрола на карактерот и интелектуалните процеси, вештачката интелигенција и вештачкото создавање органи.

Според текстот, во 2000 година луѓето ќе се раѓаат со помош на поевтини, побезбедни и поефикасни нови медицински техники. Експертите тврделе дека до крајот на векот ќе можеме да го избираме полот на детето, а со различни видови генетска контрола да влијаеме врз конституцијата на поединецот, па дури и да го промениме полот на возрасна личност.

Интересен е делот што се однесува на работниот ден на човекот во иднината.

- Човекот на иднината ќе работи во денес незамисливи услови. Ќе има повеќе светлина. Кога ќе се умори, ќе може да се забавува дури и во сон - пишува во текстот. Футуролозите сметале дека сонот ќе може однапред да се програмира.

Меѓу десетте „далечни можности“, како што ги нарекуваат футуролозите, била и онаа дека човечкиот живот ќе се продолжи не само до 150 години, туку дури и до бесмртност.

Меѓу другото, се предвидувало дека ќе се зголеми приносот на пченката за пет милиони тони, па пченката би станала стратегиска суровина на Југославија.

Извор: Citymagazine.danas.rs
Фото: Facebook
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот