X
 25.05.2021 Наша тема

На кој јазик може да се одвива наставата на бугарскиот Великотрновски универзитет во Македонија?

Странски универзитет кој е акредитиран за вршење високообразовна дејност во земјата во која му е седиштето, врз основа на одобрение од Владата, по претходно мислење од Одборот за акредитација на високото образование, може на некој од светските јазици да врши високообразовна дејност на територијата на Македонија, стои во Законот за високо образование

Мноштво реакции предизвика изјавата на претседателот на Одборот за акредитација на високото образование, академик проф. д-р Владо Камбовски, дека наставата на Великотрновскиот универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“, кој ќе врши високообразовна дејност во земјава, ќе се одвива на бугарски јазик, а дел и на македонски јазик. Камбовски објасни откако Владата ја усвои одлуката за вршење високообразовна дејност на бугарскиот универзитет кај нас.
Прашањето што го поставуваат многумина е на кој јазик може да се учи во странски високообразовни установи во земјава.

Наставата на „Св. Св. Кирил и Методиј“ во земјава ќе биде на бугарски јазик, а ќе мора да има и на македонски, вели академик Камбовски

Што пишува во Законот за високо образование?


Правилата за странски високообразовни установи, на кои им е признато правото да вршат високообразовна дејност, се уредени во членот 25 од Законот за високо образование. Имено, таму стои дека странски универзитет кој е акредитиран за вршење на високообразовна дејност во земјата во која ѝ е седиштето, врз основа на одобрение од Владата, по претходно мислење од Одборот за акредитација на високото образование, може на некој од светските јазици да врши високообразовна дејност на територијата на Македонија. Сепак, во членот не е прецизирано кои сè светски јазици.
„Странска високообразовна установа може да врши високообразовна дејност според условите утврдени со овој закон и со меѓудржавен договор, склучен меѓу Македонија и земјата во која ѝ е признато правото да врши високообразовна дејност. За вршење високообразовна дејност на територијата на земјава од страна на странска високообразовна установа, основачот треба да приложи и неотповиклива банкарска гаранција на прв повик во износ од 25 отсто од школарината за бројот на студентите за кој се бара дозвола за работа (или акредитација) со која ќе гарантира дека ќе ги надомести средствата што студентите ѝ ги уплатиле на високообразовната установа која престанала со работа и другите трошоци што ќе ги имаат студентите заради префрлувањето на студии на иста или слична високообразовна установа во земјата“, пишува во ставот 2 од членот 25.
Освен тоа, во Законот стои дека странската високообразовна установа која добила одобрение за вршење високообразовна дејност во Македонија и акредитација за вршење високообразовна дејност во земјата во која ѝ е седиштето, се запишува во Централниот регистар на земјава како установа и во Регистарот на високообразовни установи во согласност со членот 71 од овој закон.



Владината одлука од минатата недела отвори многу дилеми во академската фела, со оглед на фактот дека првпат се случува странска јавна високообразовна институција да врши високообразовна дејност кај нас. Според проф. д-р Борче Давитковски од Правниот факултет „Јустинијан Први“, има многу прашања што нашата Влада треба да ги одговори.

- Дали може по тоа име тука директно да функционира бугарскиот универзитет, кои наставни програми ќе ги има, колку факултети ќе има (кај нас со закон е дозволено да има минимум пет), потоа, дали може да се врши високообразовна дејност. Нејасно е кои факултети ќе работат. Владата треба да излезе со една поширока информација во врска со ова. Сепак, треба да кажат на кои факултети ќе можат да студираат младите, по која цена, на кој јазик ќе се изведува наставата. Еве утре ќе има конкурси, па треба да се знае на кој јазик ќе се учи, дали овде тој универзитет ќе биде јавен. Бидејќи во Бугарија е јавен универзитет, овде како ќе функционира, како јавен или како приватен? Негови корисници ќе бидат македонски деца и мора да се знаат овие информации. Кога ни доаѓа приватна странска инвестиција, цела Влада се сликаат и сечат ленти, а ова поминува така - коментира Давитковски.

За регистрацијата на Универзитетот „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Бугарија, во земјава: Што велат ректорот Јанкуловски и проф. Давитковски?

Борба за името

Проф. д-р Никола Јанкуловски, ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, за Факултети.мк кажа дека ќе бара правда по легален пат ако се случи повреда на правата на УКИМ. Тој рече дека на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје за името и обележјата му е признато правото на трговска марка и е заштитено во Заводот за индустриска сопственост, па доколку со регистрацијата, односно уписот на друга високообразовна установа се изврши повреда на нашите права и посебност, универзитетското раководство ќе реагира соодветно по легален пат.
- Во тој момент ќе ги искористиме расположливите правни лекови согласно Законот за авторското право и сродните права и Законот за индустриската сопственост и евентуално и меѓународните прописи кои ја регулираат оваа материја – дециден е Јанкуловски.

Владата на 71. седница ја усвои одлуката за одобрение за вршење високообразовна дејност на странската високообразовна установа - Великотрновски универзитет „Св. Св. Кирил и Методиј“ од Велико Трново, Република Бугарија, на територијата на нашата држава.

За работата на бугарскиот универзитет во земјава поставивме прашања и до Министерството за образование и наука. Штом ќе го добиеме одговорот, ќе го објавиме.

Насловна фотографија: Фрипик
Подготвил: Антонија Поповска / antonija.popovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наша тема