Пубертетот е период на брзи и комплексни промени, не само физички, туку и емоционални, ментални и социјални. Младите девојки во пубертет често не се сигурни што е нормално во врска со нивното гинеколошко здравје, кому да се обратат, што сметат да прашат и се срамат кога треба да се оди првпат на гинеколог, вели д-р Николина Ристевска, специјалист гинеколог која одлучи и по долгогодишниот работен стаж и пензионирањето од Клиничката болница во Битола да отвори приватна здравствена ординација со цел да помогне да се надмине недостигот на матични гинеколози.
Прва посета на гинеколог од 13 до 15 години, но потребно е да се влее доверба
- Првата посета на девојчињата на гинеколог треба да биде меѓу 13 и 15 години или веднаш по првата менструација. Таа не мора да биде поврзана со некој здравствен проблем. Целта на оваа прва средба не е преглед со инструменти, туку разговор, едукација и градење доверба. Се разговара за менструалниот циклус, хигиената, промените на телото, за емоционалниот и психичкиот развој - вели Ристевска.
Гинеколошката ординација не треба да е место на страв, туку простор за поддршка, разбирање и едукација. Информирана девојка е безбедна девојка, а со редовни посети на гинеколог девојчињата се едуцираат како да препознаат проблем и како да се заштитат.
- Најчести проблеми што ги забележуваме кај девојчињата се: нерегулирани циклуси поради хормонален дисбаланс или синдром на полицистични јајчници (РСО), болни менструации (дисменореа), вагинални инфекции поради несоодветна хигиена и синтетичка облека. Се воочува и страв од првиот сексуален однос и недостиг на информации за заштита од несакана бременост и заштита од полово преносливи инфекции, како што се кламидија, гонореја, трихомонас, херпес, ХИВ, како да се препознаат симптомите и кога да се побара помош - вели Ристевска.
Вакцината - примарна превенција од ХПВ-вирусот
Докторката вели дека се препорачува вакцинација против ХПВ - хуман папилома вирусот кој е сексуално пренослив, а причинува карцином на грлото на матката. Овој карцином во Македонија, по ракот на дојката, е најчест, со регистрирани 200 до 300 случаи годишно и починати од 40 до 50 жени.
Повикувајќи се на проф. д-р Глигор Тофоси, претседателот на МАГО (Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари), Ристевска посочува дека една пациентка со рак на грло на матка ја чини државата 200.000 евра со сите медицински третмани на лекување, отсуства од работа и намалениот квалитет на животот.
- ХПВ вирусот е сексуално пренослив и е изолиран во 99,7 проценти од вкупните случаи на рак на грло на матката. Познати се 150 до 200 типа на ХПВ-вирус: ниско, средно и високоризични. Главен причинител на ракот на грлото на матката е инфекција со ХПВ-вирус, а кофактори се: пушење цигари, рано започнување со сексуални односи, менување сексуални партнери, мултипли породувања - додава Ристевска.
ПАП-тестот може да биде лажно негативен, важно е да се прават ХПВ-тестови
Примарната превенција е со примање ХПВ-вакцина, која кај нас е задолжителна, се дава во три дози и штити шест години. Девојчињата се вакцинираат на 12-годишна возраст, а машките од 14 до 16 години. Вакцината може да се прими до 45. година.
- Потребно е да се подигне јавната свест за што помасовна ХПВ-вакцинација кај девојчињата и ХПВ-скрининг кај жените на возраст од 25 до 65 години - вели Ристевска.
Таа посочува дека ПАП-тестот може да биде лажно негативен. Голем број инвазивни карциноми не се откриени поради грешки на ваквото тестирање. Затоа се препорачува покрај ПАП тестот, да се прават ХПВ-тестови барем еднаш на три години. Со здравствени политики за рано и навремено откривање на ракот на грлото на матката, како и ХПВ-вакцинацијата, се очекува за 10 години опсегот на сериозни гинеколошки болести поврзани со ХПВ-вирусот да се намали за 90 проценти.
Да се зголеми бројот на матични гинеколози
И покрај долгите години поминати како доктор во државно здравство, Ристевска одлучи да продолжи и со приватна практика со цел да придонесе кон зголемување на бројот на матични гинеколози во државава. Во Македонија има триесетина општини каде што нема ниеден матичен гинеколог: Македонски Брод, Крушево, Делчево, Новаци, Могила и други. Се забележува и нерамномерна застапеност на матичните гинеколози по градови. На целата територија во просек еден матичен гинеколог има по 3.340 жени во репродуктивен период (од 15 до 49 години), а има градови во кои еден матичен гинеколог има и до 6.800 жени, како што се градовите од Полошкиот Регион - Тетово и Гостивар.
Една третина од гинеколозите во Македонија се сконцентрирани во Скопје, а во другите поголеми градови ги нема доволно. Во Битола имаше 7, заедно со ординацијата „Д-р Николина“ отворена неодамна станаа осум, но потребни се 13.
Дури 40 проценти од жените во земјава немаат избрано матичен гинеколог. Повеќе од 30 проценти не го посетиле подолго од 3 години. Само 33 проценти од жените практикуваат редовни гинеколошки прегледи. Ваквата слика мора да се подобри за во државата да имаме што повеќе жени кои редовно одат на прегледи, а со тоа си овозможуваат здрав и подолг живот. Затоа што гинеколошкото здравје се негува од младост, па сѐ до старост.
Фото: приватна архива