Давањето предност од седум секунди на семафорите за пешаци може да го намали бројот на повреди и смртни случаи за една третина. Оваа безбедносна мерка за пешаците може да значи разлика помеѓу живот и смрт, а истовремено претставува една од наједноставните и најефикасни интервенции што би можеле да се применуваат пошироко.
Ова се главните наоди од новото истражување објавено од Школата за јавно здравје „Мејлмен“ при Универзитетот Колумбија, објавено во списанието „Нејчр ситис“. Истражувањето покажало дека задоцнување од седум секунди за возачите резултира со намалување на вкупниот број повреди на пешаци, и оние што завршуваат со смрт и оние со полесни повреди за 33 отсто на раскрсниците во Њујорк.
- Идејата е да им се даде време на пешаците да стигнат до центарот на раскрсницата, каде што се повидливи - објаснува Кристофер Морисон, главен автор на истражувањето и вонреден професор на Школата „Мејлмен“.
- Повеќето несреќи помеѓу пешаци и возила се случуваат блиску до рабовите на улиците, каде што возачите потешко ги забележуваат луѓето кои ја преминуваат улицата - додава тој.
Задоцнувањето или давањето подолга временска предност, познато како „водечки интервали за пешаци“, им овозможува на пешаците да почнат да ја преминуваат улицата пред возилата да добијат зелено светло за свртување. Обично се дава предност од 7 до 11 секунди, во зависност од големината на раскрсницата.
Истражувачите анализирале 6.003 раскрсници во Њујорк во периодот од 2013 до 2018 година. Од вкупниот број, речиси половина имале инсталирани водечки интервали за пешаци.
Фокусот на истражувачите бил на повреди на пешаци во радиус од 30 метри околу раскрсниците со семафори. Според истражувањето, намалувањето на повредите било конзистентно на сите типови раскрсници, а најголем ефект бил забележан во текот на денот, кога бројот на смртни несреќи со пешаци опаднал за 65 отсто.
- Како човек што живее во град, добро е да се знае дека „водечките интервали за пешаци“ придонесуваат за безбедноста на пешаците - вели Сидеш Задеј, коавтор на истражувањето.
Во извештајот се наведува дека Њујорк бил еден од првите градови во САД што го прифатиле пристапот „Безбеден систем“, кој го интегрира концептот за безбедност и дизајн на патиштата земајќи ја предвид човечката грешка. Првпат овој пристап бил применет во Шведска во 90-тите години.
Целта на оваа иницијатива е елиминирање на сите смртни случаи и сериозни повреди во сообраќајот преку создавање повеќеслојни системи на заштита, така што ако еден слој не успее, другите ќе ги ублажат последиците од несреќата.
Извор:
Forbes.n1info.rs
Фото: Freepik