X
 02.09.2023 Наука

Заврши најобемната потрага по чудовиштето од Лох Нес во последните 50 години: Кои се заклучоците?

Може да се каже дека колку што е стара легендата за Лох Нес, толку е стара и потрагата по него. Онаа што беше спроведена минатиот викенд беше најголема во последните 50 години. Да се бара нешто во споменатото езеро не е воопшто лесно: видливоста може да биде многу променлива поради шкотската клима, а заматеноста на водата го отежнува набљудувањето на подводниот живот. Покрај тоа, неговата должина е околу 37 километри, а најголемата длабочина е 226 метри, што го прави едно од најдлабоките езера во Европа.

Во 1969 година била искористена мала подморница за истражување, што секако не е најдобриот начин да му се пријде на „недостижното суштество“. Неколку години подоцна, во 1987 година, била извршена последната голема потрага со 24 чамци опремени со сонар кои ја покривале целата површина на езерото.

Оттогаш, технологијата многу напредна и овој пат се користени подводни детектори, дронови опремени со инфрацрвени камери и хидрофон, уред кој детектира многу слаби звучни сигнали или оние што се далеку под вода и ја прикажува нивната приближна големина на екранот. И покрај сето тоа, потрагата заврши без да се најде Неси. Но, организаторите велат дека не се откажуваат.

Една од причините е што центарот „Лох Нес“ ги користел овие уреди и претходно во потрага по мистериозното суштество и иако не го пронашле, повремено забележувале одреден сигнал кој им давал надеж дека Неси се крие во длабочините.

nesi
Фото: Wikipedia

- Некои од најновите сигнали доаѓаат од сонар и тие укажуваат на присуство на нешто длабоко во водата. Најголемиот што некогаш сум го видел е еквивалент на објект со големина на комбе. Не знам за што точно станува збор, но го немаше кога стигнавме - вели Пол Никсон, директор на центарот.

Легендата за Неси


Легендата за чудовиштето од Лох Нес датира од 7 век и првпат се појавува во текстот „Животот на свети Колумбо“, во кој се раскажува дека овој ирски светец спасил човек кој бил нападнат од морско суштество во езерото. Првично приказната била поврзана со алги - митски суштества од шкотскиот фолклор во вид на коњи кои живеат во езера.

Модерната верзија на чудовиштето, кое наликува на плезиосаур - вид морски рептил кој живеел во периодот јура и креда - датира од 19 век. Помеѓу 1868 и 1933 година во британските весници повремено се појавувале извештаи за големо водно суштество. Описите значително се разликувале: некои го опишувале како огромна риба, додека други зборувале за рептил сличен на крокодил. Со објавувањето на познатата фотографија на Роберт Вилсон во 1934 година започнала „несиманијата“.

Со текот на годините биле објавени многу фотографии од наводното чудовиште, иако се со толку лош квалитет што е невозможно да се каже што се наоѓа на нив, додека за неколку се докажа дека се лажни. И покрај тоа, легендата за Неса живееше, а мистериозното суштество се покажа како моќен маркетиншки трик. Секоја година милиони луѓе патуваат во Шкотска само за да го видат ова езеро. Официјалните извештаи покажуваат дека туризмот сочинува околу 20 отсто од БДП на шкотските висорамнини.

Извор: National Geographic
Фото: Wikipedia
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука