X
 25.09.2018 Живот

Последните моменти од летот на исчезнатиот малезиски авион

Последните моменти од исчезнатиот авион на „Малезија ерлајнс“, МХ370, се прикажани во нов документарен филм. Во рамките на една серија што се емитува на „Нешенл џиографик“, во која се зборува за најинтригантните тајни што лежат во океаните, истражени се и неколку факти за исчезнувањето на авионот.

Од „Електрик пикчрс“ од Перт соработувале со австралиското Биро за безбедност во транспортот и официјалниот владин истражувачки тим за да ја снимат епизодата. Ова е единствениот тим на кој му бил даден таков пристап.

Експертите користеле револуционерна технологија и најновите научни податоци од подводните системи, во комбинација со мислења од други експерти за да ја анализираат најголемата мистерија во светот кога станува збор за авијацијата.

Извршниот директор и продуцент во „Електрик пикчрс“, Ендрју Огилви, истакнува дека снимката во документарецот е нешто што досега не е видено и дека се користени многу податоци и софистицирани графикони за да се создадат точни тродимензионални модели од дното на водата.

Во оваа епизода се разгледува мистеријата како малезискиот авион се урнал без трага и зошто модерната технологија не успеа да ги најде остатоците.

Во документарецот прво е истражен моментот кога авионот исчезнува, наведувајќи детали како на радарите можело да се види дека авионот свртува назад преку Малезија, се упатува северозападно кон Малачкиот проток и потоа исчезнува некаде северно од Суматра.

Фото: News.com.au

Тогаш следува шокантно откритие - откако исчезнал од радар, авионот не се урнал, туку продолжил да лета.

Иако се изгубил од радар, авионот продолжил да разменува сигнали со сателит над Индискиот Океан. Сигналите се испуштале секој час, а експертите успеале да го искористат ова за да ја пресметаат насоката на летање на авионот.

Тие утврдиле дека по првичното летање кон северозапад, авионот свртел кон југ и летал уште шест часа. Користејќи ги податоците за резервите на гориво и брзината на летање, истражувачите создале неколку можни патеки на летање.

- Податоците беа исклучителни. Се обидувате да утврдите позиција на летало врз основа на информации што не биле наменети за таа цел. Ова е нешто неверојатно што било снимено од сателитот Инмарсат во времето кога леталото било во воздух. За тоа знаеле многу малку луѓе и е клучно за истрагата - вели Питер Фоли, истражувач.

Тоа е најголемото откритие досега, па потрагата била свртена околу 500 километри јужно од последната радарска трaга. Експертите потоа почнале да бараат околу последниот лак, лоциран длабоко во Индискиот Океан, а познат како седмиот лак.

Еден тим од Универзитетот „Куртин“ во Западна Австралија користи хидрофони - чувствителни подводни микрофони - поставени низ целиот брег на Австралија за да се следат звуците. Еден хидрофон снимил невообичаена бучава околу 1 час и 14 минути по последната комуникација на авионот со Инмарсат. Дали ова бил звук од авионот кој се урнал во водата?

Бидејќи насоката на звукот не можела да се утврди со хидрофонот, истражувачите побарале други аудиотраги. Излегло дека иста бучава била забележана и кај Кејп Луин, Западна Австралија. Бил детектиран од три хидрофони поставени на начин кој им овозможувал да ја пресметаат далечината на изворот. Утврдиле дека звукот дошол од северозапад, но бил од многу далеку, па било заклучено дека не е вреден за разгледување. Експертите сметаат дека тој звук веројатно е од геолошко потекло.

Така, истражувачите преминале на друг приод - испитување на дното на морето. Прво морале да го мапираат, па користеле компјутерска технологија за „пресушување на океаните“.

Фото: News.com.au

Кога ја нема водата, може да се види зошто потрагата е толку сложена. Под водата има високи гребени, масивни кањони и слично.

Во меѓувреме, анализата на податоците од сателитот покажала дека во финалните моменти авионот почнал брзо да паѓа, веројатно бидејќи снемал гориво. Инженерите од „Боинг“ создале симулација од она што се случува кога „боинг 777“ останува без гориво, што дава можност да се претпостави какви биле последните моменти на авионот.

Според она што е прикажано во емисијата, прво откажал десниот, а потоа и левиот мотор. Потоа авионот се урнал. Симулациите на „Боинг“ ја стеснале областа за истражување, но таму не биле пронајдени остатоци од авионот.

Истрагата продолжила и во јули 2015 година се појавува нова информација. На околу 5.000 километри од областа каде што се истражувало, на плажа на островот Реинион, се појавува метален дел. Тоа е дел од крило на авион и од „Боинг“ потврдиле дека серискиот број се совпаѓа со оној на МХ370.

Блејн Гибсон, аматер ловец на остатоци, сакал да помогне и заминал во Мозамбик, каде што нашол дел на 7.000 километри од главната зона на барање. Од „Боинг“ потврдуваат дека и тој дел е од авионот. Гибсон продолжил да бара на западната страна од Индискиот Океан и нашол уште 15 дела. Најзначајниот од нив е делот кој служи како кутија за малите екрани поставени на задниот дел од седиштата во авионите. Ваквите остатоци однатре потврдуваат дека авионот се урнал во водата со голема сила.

Фото: News.com.au

Потоа се појавуваат податоци дека 15 дена по исчезнувањето на авионот француски воен сателит направил фотографии од можни остатоци во област која во тоа време не била многу приоритетна.

Така, во јануари оваа година „Оушн инфинити“ почнува нова, приватно финансирана мисија, проширувајќи ја областа на истражување. За жал, не успева да најде траги од авионот и во мај владата на Малезија објавува дека нема да поддржи нови истраги.
Подготвил: Билјана Арсовска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот