Ако сте загрижени за тоа колку брзо се приближувате до вашиот следен „голем“ роденден, има добра вест за вас: научниците тврдат дека ја откриле максималната возраст до која човек може да живее и, ако сè биде во ред, пред нас има уште добри години.
Статистичари од Универзитетот Еразмус во Тилбург и Ротердам го проучувале животниот век на 75.000 луѓе во Холандија во период од 30 години, заклучно со 2017 година.
За разлика од вообичаените истражувања што се фокусираат на очекуваниот животен век, тие сакале да откријат колку долго човек може да живее доколку се грижи за себе и животот не му биде прекинат од болест или други околности.
Врз основа на податоците за возраста на испитаниците во моментот на смртта, научниците утврдиле дека просечниот животен век изнесува околу 90 години.
Истражувањето покажува дека е малку веројатно човек да доживее повеќе од 115 години. Сепак, жените имаат малку подолг животен век од мажите. Максималната возраст кај жените е 115,7 години, а кај мажите 114,1 година.
- Во просек, луѓето денес живеат подолго. Се разбира дека просечниот животен век е подолг. Но, самата максимална горна граница не е променета - вели професорот Џон Ајнмал, еден од тројцата научници што го спровеле истражувањето.
И покрај овие сознанија, Ајнмал потсетува дека постојат исклучоци кога луѓето ја надминуваат предложената граница. Најстариот човек во светот, потврден од Гинисовата книга на рекорди, бил Јапонецот Џироемон Кимура, кој живеел 116 години.
Извор:
Rtcg.me
Фото: Freepik