X
 25.10.2022 Живот

„Титаник“ на новото време - погледнете го видеото од најголемиот крстосувач во светот

Компанијата „Ројал карибијан груп“ откри детали за најголемиот брод за крстосување во светот - „Ајкон оф д сис“. Компанијата неодамна објави видео на „Јутјуб“ на кое е прикажано како изгледа бродот и што ќе има на него.

- Ова ќе биде најголемиот брод за крстосување во светот и ќе нуди неверојатни нови работи, вклучувајќи воден парк, бесконечни базени, а дел од бродот ќе биде наменет за семејства - стои во описот на видеото.

Првото крстосување е планирано за јануари 2024 година. На бродот ќе има водопад висок 16 метри, бар во кој ќе можете да пливате и сопствен Централ парк, инспириран од урбаниот парк во Њујорк. Од следната недела ќе почнат резервациите за овој луксузен брод.

Бродот е тежок 250.800 тони и има 5 отсто поголем волумен од бродот „Оазис“, што го прави најголемиот брод за крстосување во светот. Долг е 365 метри и е три метри подолг од „Вондер оф д сис“, моментално најголемиот брод во светот.

Може да прими 7.600 патници


Бродот содржи 2.805 кабини и е фокусиран на семеен одмор. Може да смести 7.600 патници и 2.350 членови на екипажот. Посетителите ќе можат да уживаат во луксузните семејни кабини и апартмани. Меѓу другото, бродот има тобоган, кино, караоке и огромна тераса.

На врвот се наоѓа „Аквадом“, кој преку ден ќе има сопствен водопад и прекрасен поглед кон океанот, а навечер ќе се претвора во центар за заедница со ресторани, барови и аква-шоуа. Ќе има и модерна роботика и врвна технологија.

- Со секој нов изграден брод ја подигнуваме границата во туризмот и патувањата и го подобруваме она што нашите гости го знаат и го сакаат. Од моментот кога ќе стапнат на бродот, секое искуство е специјално дизајнирано за да овозможи најдобар одмор, без оглед дали станува збор за копно или за море. Со овој брод успеавме да го достигнеме тоа ново ниво и да направиме сѐ за врвен семеен одмор - вели Џејсон Либерти, претседател и извршен директор на компанијата „Ројал карибијан груп“.



Извор: N1info.com
Фото: Screenshot/YouTube
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот