X
 26.06.2019 Живот

Дали знаете колку вредат вашите податоци? „Гугл“ и „Фејсбук“ наскоро ќе ви го откријат тоа

Добро е познато дека податоците и информациите денес се највредни. Но колку вредат личните податоци на секој од нас? И зошто се вредни нечии податоци?

Токму на ова прашање може да дадат одговор двете компании што имаат најголеми бази на податоци на корисниците, „Фејсбук“ и „Гугл“.

Но, тие податоци нема да бидат откриени по волја на овие компании. Имено, двајца американски сенатори, Марк Варнер и Џош Хаулеј, сакаат да воведат закон што ќе ги присили големите технолошки компании да им откријат на корисниците колку нивните податоци навистина вредат.

Законот наречен „Dashboard“ („Designing Accounting Safeguards to Help Broaden Oversight and Regulations on Data Act“), доколку биде прифатен во американскиот Сенат и Конгрес, подразбира испраќање извештаи за вредноста на податоците на секои 90 дена. Извештајот би им откривал на корисниците кои видови податоци се собираат и складираат и која е нивната вредност.

- Луѓето не сфаќаат колку се собираат податоци за нив и колку овие податоци се вредни - истакнува Марк Варнер.

Според некои процени, вредноста за основен податок, како возраста, локацијата и брачниот статус, изнесува околу 6 евра. Но, сега е тешко да се процени колку нечии податоци навистина вредат за големите компании како „Гугл“, „Фејсбук“ или „Амазон“ бидејќи овие компании ги чуваат тие процени како деловна тајна.
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот