X
 26.08.2022 Здравје

Како утринската прошетка влијае врз физичкото и психичкото здравје?

За многумина, утринската прошетка може да биде добар начин за полнење со позитивна енергија и за будење. Главната предност на оваа активност е во тоа што не е претерано физички напорна. Утринските прошетки имаат и други поволности:

Добри се за срцето

Според доктор Мануел Флорес, телото почнува да се подготвува за денот еден час пред да се разбудите. Тогаш крвниот притисок расте, а пулсот се забрзува. Утринските прошетки го намалуваат зголемувањето на крвниот притисок, а со тоа се подобрува кардиоваскуларното здравје.

Добри се за белите дробови

Освен кога докторот не ги одобрува, утринските прошетки се многу корисни за оние што имаат проблеми со белите дробови, според Шери Тујел, претседателка на Американското здружение за респираторна нега. Според истражување од 2016 година, пациентите што пешачеле најмалку 60 минути дневно го намалиле ризикот за повторна хоспитализација за 50 отсто.

Добри се за долгорочното здравје

Доктор Флорес препорачува пешачење најмалку 150 минути неделно, а Тујел се согласува и додава дека дури и 30-минутна прошетка има позитивни ефекти.

- Секојдневните прошетки помагаат за спречување одредени здравствени состојби. Прошетките се идеални за срцето и за подобро расположение, го намалуваат стресот и го забрзуваат метаболизмот - објаснила Тујел.

Флорес и Тујел се согласуваат дека прошетката може да го разбистри умот и да го подобри расположението. Според истражување од 2020 година, испитаниците што редовно оделе на прошетка или се занимавале со друг вид вежбање имале подобро емоционално здравје од оние што не вежбале редовно.

Утринските прошетки го намалуваат и ризикот од развивање Алцхајмерова болест, додал Флорес.

Добри се за имунолошкиот систем

Според експертите, утринските прошетки може да го намалат ризикот од инфекции, а со тоа се зајакнува имунолошкиот систем.

Извор: Ekapija
Насловна фотографија: Pixabay
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје