X
 12.11.2021 Култура

Документарен филм за исхраната на „Нетфликс“ ги подели гледачите

Документарен филм на „Нетфликс“ под наслов „What the health“, кој првпат излезе во 2017 година, сè уште ги дели гледачите. Во него има шокантни факти за храната што ја внесуваме, но многу лекари тврдат дека режисерите Кип Андерсен и Киган Кун претеруваат.

Медиумите го нарекуваат „филм кој не би требало да го гледаат здравствените организации“. Тој го критикува влијанието што го има консумацијата на месо, риба, јајца и млечни производи врз човековото здравје и ги става под знак прашалник практиките на водечките здравствени и фармацевтски организации.


Во филмот, Андерсен разговара со лекари и други експерти за исхраната и здравјето, а се обидува и да контактира со претставници на здравствени организации, но не добива задоволителен одговор. Андерсен тврди дека месото, рибата и млечните производи нè здебелуваат, предизвикуваат рак и дијабетес и нè трујат со токсини.

Целта на Андерсен и Кун била да ја објаснат врската помеѓу исхраната и болестите, но се чини дека нивниот пристап ги налутил лекарите и фармацевтите бидејќи, според нив, авторите погрешно опишуваат и преувеличуваат како одредена храна предизвикува болест, притоа повикувајќи се на одбрани истражувања кои ги поткрепуваат само нивните ставови.

Од друга страна, многумина тврдат дека изразувањето на ова незадоволство покажува дека авторите само ја изнеле бруталната вистина што не им оди во прилог на лекарите.

Извор: Green
Фото: What the health film
Подготвил: Драгана Петрушевска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Култура