X
 13.03.2024 Здравје

Ова е оптималниот број на дневни чекори што може да ја поправи штетата од седентарниот начин на живот

Сигурно сте слушнале дека возрасните треба да се стремат кон исполнување на целта од 10.000 чекори дневно за добро здравје. Овој пристап дава јасна порака, иако не зема предвид колку се различни телата и животите на луѓето.

Но, неодамнешно истражување од меѓународен тим на истражувачи покажа дека и оние што најмалку се движат, а најмногу седат, можат да ги намалат штетните ефекти од седентарниот начин на живот вметнувајќи повеќе чекори во животот.

Седентарниот начин на живот е сè почест и знаеме дека е поврзан со поголеми шанси за смрт од кардиоваскуларни болести, поголем ризик од рак и дијабетес и пократок животен век. Овие ризици се помали за луѓето што прават поголем број чекори во денот, како и оние што брзо пешачат.

Но, досега не беше јасно дали луѓето со седенатерен режим би можеле да ги надоместат тие алармантни здравствени ризици со секојдневно пешачење.

- Ова истражување има важна порака за јавното здравје: дека секое движење е важно и дека луѓето можат и треба да се обидат да ги надоместат здравствените последици од неизбежното седентарно живеење со зголемување на дневниот број чекори - вели научникот за здравје на населението, Метју Ахмади од Универзитетот во Сиднеј.

Ахмади и неговите колеги анализирале податоци од 72.174 волонтери. Тие носеле уреди на зглобовите на рацете во период од седум дена за научниците да ги проценат нивоата на нивната физичка активност, како што е бројот на чекори што вообичаено ги правеле и времето што го поминувале седејќи.

Просечното време поминато седејќи било 10,6 часа секој ден, така што оние што поминувале повеќе време од тоа се сметало дека имаат „високо седентарно време“, додека оние со помалку часови се сметало дека имаат „ниско седентарно време“.

Тимот открил дека помеѓу 9.000 и 10.000 чекори дневно се оптимални за спротивставување на седентарниот начин на живот, намалувајќи го ризикот од болести за 21 отсто и ризикот од смрт за 39 отсто. Без оглед на седентарниот период на учесникот, истражувачите откриле дека 50 отсто од придобивките се појавуваат со  4.000 до 4.500 чекори дневно.

- Секој број на дневни чекори над референтните 2.200 беше поврзан со помала смртност и ризик од болести - заклучува Ахмади.

Извор: Science Alert
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје