X
 26.08.2023 Живот

Добар наставник - солиден ученик

Пред почетокот сме на новата учебна 2023/2024 година. Неколку донови до септемврискиот почеток, кога учениците и наставниците со нови сили, знаења, умеења и предизвици ќе започнат уште една школска година. Враќањето во училишните клупи треба да се доживува со радост. Во овој текст ќе пишувам за добриот наставник и неговото квалитетно и солидно создадено дело – неговиот ученик.

Добриот наставник и неговото квалитетно и солидно создадено дело – неговиот ученик

Секој наставник може да биде добар и успешен. Треба само да умее!
Многупати учениците имаат еден израз кој го повторуваат: Тој/таа е најдобар/најдобра, наставник/наставничка, или само користат: најдобар е/најдобра е. Јас верувам во искреноста на учениците бидејќи доволно се паметни и интелигентни за да можат да мислат и да проценат нешто или некого. Но, прашањето кое се поставува е: во што е најдобар наставникот, или во што е најдобра наставничката? Убава тема, која би можела да се искористи како училишна дебата. Нормално, таа пофалба му значи на секој просветен работник кога реално и искрено е кажана. Би кажал: најдобар наставник не е оној што само карактерно е добар, услужлив и им излегува во пресрет на своите ученици, на колективот, на познајниците, туку, таа особина треба да се темели на едно златно правило: добар, или најдобар наставник е оној што од ученичето ќе направи прав ученик! За да се постигне тој процес, потребно е време и најважно – љубов и трпение. Како започнува и се постигнува тоа? Тоа започнува уште од одделенска настава, кога детето е празна и чиста (зелена) табла, на која секојдневно треба да се испишува по нешто. Она што е корен, што треба најпрво да биде испишано е секако: азбука и броеви. Се започнува со описменување, па потоа учење и доживување на светот... Тоа учениче расте, се развива, се социјализира во училишната средина и треба да биде пример секаде и за секого. Наставникот и професорот во предметна настава надградуваат чекор по чекор за да стигнат до посакуван и успешен резултат – солидно и квалитетно изграден ученик кој понатаму ќе оформува професионална ориентација.

Значи, добар просветен работник е оној што има обврска и цел на денешните и на сите наставни часови да вгради знаења и поттик за самостојно мислење со своја глава кај своите ученици. Или попрецизно кажано, добар наставник е секој што работи, што чесно и одговорно си ја заработува платата, не се штеди, а го дава најдоброто од себе, да пренесе нешто во училницата, а не да забошотува, да се матка на некој начин (да дреми со мобилен на час и сл.), или да се корзира во училишната средина и на самиот наставен час. Таа е разликата помеѓу квалитетен (добар) и неквалитетен (недобар) наставник. За жал, денес нема што нема влезено во образованието, без никаков критериум за психолошко-педагошка процена и подготовка за започнување наставен процес итн. Но тоа е друга тема за дискусија. Добриот наставник, како што имам пишувано и претходно, е цутот во образованието. Неговиот сладок плод се учениците. Секогаш постои начин да се работи и соработува, како на часови така и пошироко. И не треба постојано да се наоѓаат изговори за тоа што не чини. Ајде секој нека тргне од себе и нека ги поправа работите (иако знаеме дека тоа не функционира така). Најлесно е да се префрли вината на друг, а не да се тргне од себе. Добриот наставник сам си создава волја за работа и не треба од никого да очекува да го мотивира. Таа е тактика, која со годините се стекнува и се менува. Искуството, во денешни услови на живеење и работење, не се цени многу, но ако сакаме како просветни работници да си направиме да ни биде подобро, треба максимално да ја користиме сопствената креативност. Оти, сепак кажуваме: некој умее да цени, не е сѐ до толку црно. Ете така бидува добар наставник, за кого има што да се каже и зборува, а не само карактерно дали бил/а добар/а. Додуша имаме ситуации наставник кој ништо не работи да спаѓа во категоријата добар, но прашајте ги учениците што учат и што научиле по тој предмет... одговорот ќе ве изненади. Така, не! Тој впечаток не е добар, напротив тој/таа, ако може да се каже „просветар“, оштетува многу генерации ученици. И тој е најгорливиот проблем на денешното образование. Подруго е кога ќе постојат казни и санкции. Да се биде добар, односно најдобар во образование, потребно е најпрвин да си квалитетно и успешно факултетски образован/а, со студирање од книги, а не од скрипти. Понатаму, јасно е каде води креирањето на таков образовен профил. Многумина знаат што значи тоа.

Затоа, ученици, запомнете: добар наставник е оној што сака да ве научи и да ви покаже прав пат (тоа многу добро го знаете). Карактерната добрина е особина што не се учи, туку се носи во текот на целиот живот. Точно е дека добар просветар, добро и правилно гради воспитно-образовни компоненти од кои може да се има корист. Но, денес се реткост таквите наставници. Никогаш да не цените само по карактерните особини, туку по способностите... Тие се чекор што води напред! Има една убава изрека: само посветената работа дава солиден резултат. Да, мислам токму на делото што ќе го создаде и остави квалитетниот наставник, а тоа е неговиот успешен и солиден ученик. Нека има што повеќе „вредно потковани“ наставници оти со нив воспитно-образовниот процес и општеството добиваат смисла и напредуваат, а не назадуваат. Тие треба да бидат пример за учениците! Родители: почесто прашувајте ги учениците што работат на часовите, проверувајте им што запишуваат во тетратки, односно што научиле, затоа што вашите деца се вредност, што треба еден ден, да излезе на прав, описменет пат и да чекори кон иднината!
Ќе завршам: за работникот во образование, работата не е ни малку лесна, но обврската и целта што ја има зацртано и пред која стои, гледа докрај да ја заврши и постигне. И не му требаат пофалби и тапкање по рамо (тоа е веќе доживеано и видено), туку доволно е што таквиот наставник има одговорност и чест да учи и да научи многу ученици кои искрено црпат знаења и вештини од него (беспоштедно, среќно, задоволно). Таквиот наставник стои простум исправен пред секој образовен предизвик. Рековме, резултатот од неговиот вложен труд е неговиот ученик, кој успешно напредува, не само во образование и на студии, туку воопшто во животот. Тоа го потврдува добриот глас, кој нели надалеку се слуша!

Среќен почеток, драги ученици и колеги - просветари!

Автор: Александар Адамовски, професор по македонски јазик и литература и француски јазик

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот