X
 20.05.2020 Колумни

Колумна: Ние не сме Финска, но децата секаде се исти - сите се раѓаат со потенцијал

Повторната изградба на образовниот систем во нашата земја е задоцнета и ќе треба да се гради налик на градење куќа, најпрво да се постават нови темели, па потоа да се кренат нови катови

Автор: Д-р Артан Лимани, експерт и консултант за образование


Образовниот систем, оставен во последниот ред од приоритетите за државата, не само што потклекна поради пандемијата, туку и целосно се скрши. Се отворија бројни дилеми околу имплементацијата на интернет-наставата, како и оценувањето на учениците и студентите, но за чудо, ова не ги загрижи многу родителите и другите засегнати страни.

Повеќе од очигледно е дека дискурсот кој го отвори пандемијата е добра можност за иновативни промени од корист за студентите и учениците. Истражувачите на образованието низ светот започнаа со работа и планови за образованието на блиската иднина. Многу земји решија да го сменат пристапот кон образованието на помладите генерации, фокусирајќи ги наставните програми на технологија и развивањето животни вештини. Бидејќи секоја држава има посебен контекст од кој треба да се разгледа пристапот кон развојот на образованието, на истиот начин и нашата држава треба да ги мобилизира знаењата и искуствата на поединците кои го разбираат контекстот - за да отвори нови поглавја во образованието и да спроведе стратегија за едукација на дигиталната генерација, или генерацијата која учи за да функционира во времето на вештачката интелигенција.

Марк Еспосито и Теренс Це, основоположниците на Нексус ФронтирТех (Nexus FrontierTech), студио за истражување и развој на вештачката интелигенција, како и универзитетски професори на Харвард, односно на ESCP во Лондон, ја претставија својата визија за образованието на генерациите кои моментално се наоѓаат во училниците. Tие велат дека моменталниот образовен систем е остарен, несоодветен и нефункционален, па дури и лажен и илузорен за учениците и студентите, бидејќи не им овозможува соодветен личен и професионален развој за времето во кое живееме. Тие го нарекуваат овој модел „фабрички модел”, кој на студентите и учениците им нуди теорија и вештини на еден строг образовен систем, со кои би можеле да работат како јавни службеници во викторијанско време, тогаш кога овој систем е и создаден.


Тука не останува многу простор за дискусија пред да сфатиме дека Соединетите Американски Држави, Обединетото Кралство, Европската Унија и многу други земји во светот се соочуваат со предизвиците за кои зборуваат Еспосито и Це во нивниот труд објавен од универзитетот МИТ во САД. Ho, oвие држави минуваат низ важен процес на преиспитување и преправање на нивните образовни системи, бидејќи тоа е единствениот сегмент на развиените земји кој нема претрпено иновација. Слободно можеме да кажеме дека САД, целата ЕУ, Кина, па и Австралија, доживеаjа квантен скок или брз технолошки развој, кој придонесе да се подобри животот на луѓето, и во многу случаи влијаеше врз квалитетот на животот и долговечноста во тие држави.
Сепак, важно е да се истакне дека споредено со овие брзи достигнувања, образованието остана недоволно развиено. Многу академици и изучувачи на образованието предупредуваат дека без развој во областа на образованието нема да биде одржлив ни технолошкиот развој, или уште полошо, општите технолошки придобивки или оние од вештачката интелигенција нема да ѝ користат на целата светска популација и следствено - нема да имаме еднаков развој и цивилизираност меѓу луѓето. Покрај ова, други академици го поврзуваат автентичното образование со одржувањето на животната средина и употребата и зачувувањето на природните ресурси. Според нив, без квалитетно образование нема да имаме чиста вода и воздух.

На иста линија се и човековите права кои постојано се кршат од страна на режимите на некои држави, токму поради површното образование на луѓето и ниското ниво на свест. Тука влегуваат и групите кои шират омраза во деструктивни цели против маргинилизираните заедници како што се ЛГБТ, жените, луѓето со физичка попреченост, оние со синдроми, животните, етничките и верски малцинства, особено Афроамериканците, да не ги заборавиме и останатите кои не припаѓаат на белата раса. Значи, изучувачите на образованието веруваат дека со квалитетно и еднакво образование за сите, групите на омраза ќе се минимизираат или целосно ќе ги снема. Kвалитетното образование останува да биде катализатор на промените во политиката, економијата, општеството, технологијата, екологијата итн. За жал, во нашата држава образованието продолжува да му доликува на викторијанското време. Додека развиените земји го претвораат предизвикот во можност за развој, во нашата земја ова не само што не се случува, туку и воопшто не се зборува за стратегија за развој.


Што треба да се направи? Пандемијата го фати системот во стапицата која самиот си ја постави низ годините. Не ангажирајќи се навреме за иницирање на хибридно образование (интернет и физичко), неподготвениот систем влезе во сопствената стапица. Моменталната настава која се одвива онлајн наликува на, како што вели Малком Браун, „склопување на авион летајќи“. Единствената стратегија што треба да ја спроведат училиштата за затворање на учебната година со оценување на учениците е да се создаде холистичка шема за оценување. Ова е стандардна педагошка пракса која често ја користат предавачи во училници во кои постои автентична врска помеѓу наставникот и учениците. Сепак, системот треба да го дизајнираат релевантни експерти и да го дисеминираат низ училиштата, кои под водство на директорите целосно ќе го спроведат.

Уште поважно е основното образование бидејќи во раниот период на развој кај децата може да засадиме љубов кон книгата, учењето, истражувањето, емпатијата, љубовта, искреноста, почитта кон и за другиот и многу други елементи кои се основата на еден здрав човек. Затоа, пристапот кон основното образование ќе треба да се задржи на поставување нови постулати, наменети за едукација на дигиталната генерација и работни места кои сè уште не постојат или не се создадени. Во глобален контекст, според Еспосито и Це, 65% од децата кои моментално се наоѓаат во основните училишта ќе работат работи што сé уште не постојат. Во блиска иднина, веројатноста да го задржиме истото работно место подолго време, или до пензија, ќе биде многу мала или непостојна. 

Студија спроведена од платформата „Апворк“ (Upwork) за 2017 година во САД покажа дека наскоро мнозинството вработени ќе бидат луѓе кои работат од дома и тоа, за една година преминале од една во друга компанија. Како резултат, Еспосито и Це предлагаат дека филозофијата на образованието треба да се базира на: 1) кодирање или дигитално оспособување; 2) комуникација или способност за комуницирање во глобален контекст; 3) креативност или развој на креативниот потенцијал на децата; и 4) самодоверба или поткревање на самодовербата кај учениците.


Предлозите на Еспосито и Це се повеќе од важни за промените што треба да се спроведат во секој образовен систем во светот, вклучувајќи ја и нашата држава. Следствено на ова, мојот предлог е да се направи спој од предлозите на Еспосито и Це, со пристапот што го спроведува Финска - земја која се рангира меѓу трите најфункционални системи на светот. Свесен сум дека скептичните ќе се задржат на најлесното и ќе кажат дека ние не сме Финска! За нив имам само едно појаснување и ќе им речам дека децата се исти насекаде во светот и се раѓаат со висок потенцијал. Можноста овој потенцијал да дојде до израз многу зависи од можностите кои ги нуди образовниот систем во соработка со семејството. Финска ги фокусира сите свои човечки и материјални капацитети за да обезбеди експоненцијален раст во квалитетот на наставата и учењето во периодот на раниот развој на децата. Нивниот систем се базира на постојан развој на двата главни столба: 1) предавачите; и 2) целосна самостојност на училиштата.
Таму предавањето се смета за професија на најпросветлените и најталентираните. Секој што сака да биде дел од оваа професија, по завршувањето на студиите треба да помине низ академија за предавачи, чиј фокус е да произведе сестрани предавачи способни да раководат со секое училиште во земјата. Така, филозофијата на образовниот систем на Финска се базира на правичност (equity), или правичнa понуда на квалитетно образование за сите училишта во земјата, без оглед на тоа дали се наоѓаат во село или град. Всушност, Финска е географски широка и долга земја во која постојат мали гратчиња кои се стотици километри оддалечени од главниот град. И во овие гратчиња предавачите се луѓе кои дипломирале на централната академија во главниот град, со истиот квалитет на предавање како оние од главниот град.


д-р Артан Лимани

Филозофијата на наставата во Финска за време на раното и основно образование се заснова на игра, на соодветно организирани часови надвор од училницата, што им дава можност на учениците да ја искусат природата и да учат. Значи, секое училиште раководено од директор кој е педагог од висок ранг креира наставна стратегија и програма за училиштето. Пристапот на учење преку игра е државна стратегија, но секое училиште создава своја програма и ги постигнува нејзините цели овозможувајќи им на децата да ги развиваат своите способности по математика, јазик и комуникација, соработка, истражување на природата, уметноста, музиката, како и мултикултурализмот - и сето ова дизајнирано индивидуално за секој ученик во училиштето, земајќи ги предвид потребите и специфичниот начин на учење на секој ученик. 

Целта е дека овие деца ќе пораснат среќни и училиштето ќе биде место каде што тие повторно ќе сакаат да дојдат, затоа што им нуди топлина и забава, но и поддршка која им е потребна во психо-физичкиот развој. Важно е да се истакне дека училиштето на децата им нуди здрава храна за ментален и физички развој. Последните истражувања покажуваат дека доколку учениците не внесуваат храна која има висока нутритивна вредност за нивната возраст, учењето не е ефективно или не се случува. Понатаму, учениците немаат домашни задачи бидејќи училиштето сака да имаат време за впечатливи моменти со своите семејства преку разни семејни искуства.


Доколку сакаме да го подобриме образованието, потребен е комбиниран пристап и пристап кој е соодветно дизајниран за нашиот контекст. Концептот на правичност, или правична можност за школување на секој ученик, овозможува еднакви можности за успех за сите, без оглед на нивниот социо-економски статус. Овој пристап го нарекувам држава на граѓаните и таа е можна само доколку има волја и храброст, а уште поважно, доколку има знаење. Сигурен сум дека ако започнеме со дизајнирање на државната стратегија утре, за 4 години ќе видиме резултати од промената. Пристапот држава на граѓаните дава позитивни конечни резултати каде што граѓанинот станува посветен на државата и нуди развој на највредниот капитал - оној човечкиот. Затоа, како што реков, ако почнеме со работа утре, задутре ќе видиме резултати. Многу едноставно и продуктивно.

Средните училишта се една друга болка на нашиот државен образовен систем. Каде е грешката на средното ниво? Како што реков и погоре, наставата се одвива по пристапот на „фабричкиот модел” кој му прилега на 19 век. Учениците минуваат многу часови на училиште без здрава храна, патуваат од далечни места, немаат корисни книги и сè што запомнуваат е колку многу зборувал предавачот, или колку тој диктирал! Директорите кои се неспособни да раководат со квалитетот на наставата не можат да обезбедат квалитативни и квантитативни податоци врз кои би го изградиле процесот на учење, или пак, да побараат промена која ќе се базира на аргументи.

Што треба да се направи што поскоро? Повторно, потребна е државна стратегија која ќе иницира промени во наставната програма. Да бидам прецизен, секоја стратегија треба да се базира врз податоци. Тоа значи дека прибирањето податоци по кои ќе се создаде матрицата за развој треба да е составен дел на секоја стратегија. Универзална шема, но шема која е создадена за специфичен контекст би била предавај помалку, научи повеќе и таа би се базирала на предавање кое континуирано ги ангажира студентите. Секој ученик треба да биде интегрален дел на општеството, како што вели Џон Дуви (John Dewey), образованието треба да ги подготви учениците за етичко учество во општеството, да негува независно размислување така што тие би дошле до вистините за општеството преку критичко мислење, секогаш основано на самостојно и колективно етичко истражување. Од витално значење е училиштата да ги подготват учениците да станат активни учесници во демократските процеси по завршувањето на образованието. Така, врз база на темелите кои ги постави големиот филозоф Џон Дуви (John Dewey), како и врз база на добрите пракси од развиените земји, пристапот кон образованието познат како учење преку служба ги претвора средните училишта - од училишта во кои се учат „факти” и „податоци” во училишта во кои се учи низ проблеми и истражување. Ова ќе значи дека за да завршат средно училиште, учениците ќе треба пред заедницата да го претстават своето работно портфолио, притоа зборувајќи каков придонес имала и какви промени направила нивната работа во општеството.

Овој пристап предвидува комплетно нова наставна програма каде што сите предмети се развиваат комбинирано - во и надвор од училницата. Предметите како математика, јазиците како англиски, албански и македонски како втор и нестрански јазик, треба да се развиваат по принципот на употреба, каде што учениците комуницираат со некој кој го зборува јазикот. Ние денес живееме во крајно поделено општество, но се преправаме дека е тоа еднакво за сите. За да се постигне последново, потребно е изучувањето јазици да има практичен пристап. Албанскиот и македонскиот јазик би се учеле со ангажирање на соучениците на работа во невладини организации, додека англискиот би се учел со негова примена во ангажмани од меѓународните организации кои ги има во секој град, како во примерот на Мировниот корпус на САД и други. Значи, стратегијата која ја предлагам тука не бара многу финансиски средства од државата, напротив, се базира на употребата на постојни ресурси и на зајакнување и максимирање на човековите ресурси.

Понатаму, треба да се додадат предмети како академско пишување и интегритет, наука, глобална цивилизација, јавно зборување, (задолжително) ангажирање во граѓански организации, човекови права и права на маргинализирани групи, мултикултурализам и основи на истражување за академски цели. Ова би се направило така што средните училишта би создавале партнерства со организации (особено со меѓународните граѓански организации) со што учениците би научиле да ѝ служат на заедницата. Овие средни училишта би се трансформирале во училишта за цивилизација и демократија, штом тие би ги оспособувале учениците за самостојно функционирање во граѓанската демократија и би направило да се активни, да примаат јавни информации на критички начин и кога ќе пораснат, со достоинство и веродостојност да ги извршуваат своите граѓански должности. Предметот за цивилизација и човекови права и обврски (нов предмет) би се базирал на критично проучување на Уставот на нашата држава, наспроти функционирањето на Европската Унија и нејзините институции. Така, оваа наставна програма би направила драстична промена во приемот на знаењата со помалку предавање, а повеќе научување, како и со помалку држење на учениците затворени меѓу ѕидовите на училиштата. Оваа напредна пракса за средно образование би дала плодови за кратко време.

Стратегијата за промена на наставната програма која ја прикажав, особено за основно и средно образование, нуди холистички пристап за развој на учениците. Стимулот за ваквиот пристап доаѓа токму од тврдењето дека кога еден ученик ќе го заврши образованието и ќе се приклучи како активен граѓанин, тој/таа нема да се оценува според поените што ги добил/a на тестови, или фактите кои ги научил/a од предавањето на учителот, туку напротив, ќе се вреднува според целокупниот карактер произлезен од академскиот ангажман и од соработката и учењето од другите. Истовремено, ќе се вреднуваат автентичноста и самостојноста на размислувањето создадени токму од обилното читање за време на школувањето, како резултат на способноста да го спознае светот од аспект на книжевноста, уметноста, музиката, филозофијата, демократијата, науката итн.

За крај, повторната изградба на образовниот систем во нашата земја е задоцнет и ќе треба да се гради налик на градење куќа, најпрво да се постават нови темели, па потоа да се кренат нови катови. Прво ќе треба да се постават основите како што се училишните библиотеки, кујните, професионалноста на предавачите и директорите, како и директното вклучување на родителите, а потоа да работиме на нови наставни програми и пристапи. Во однос на универзитетското образование, во следната статија ќе разјасниме што се случува сега и што е потребно за да го фатиме возот кој оди кон Сорбона и Хумболд.

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Колумни