X
 26.08.2025 Здравје

Регенеративната медицина дава надеж за искоренување на болестите за кои нема лек

Регенеративната медицина е млада област која се стреми да ги обнови, регенерира или замени оштетените или изгубени ткива и органи. За борба против стареењето, повредите и болестите, истражувачите од „УКЛА хелт“ смислуваат начини за регенерирање на телесните функции на клеточно ниво. Во античката грчка митологија титанот Прометеј го украл огнот од Зевс и му го дал на човештвото. Зевс се одмаздил со тоа што го врзал Прометеј за планина. Секој ден орел доаѓал да му го јаде црниот дроб. Секоја ноќ, органот повторно растел во неговото тело. Црн дроб кој се регенерира може да изгледа како мит, но идејата за обновување и замена на органите и ткивата е основа на оваа модерна гранка на медицината.

Користење на природните процеси на телото

Сè е фокусирано на употребата на природните процеси на телото, примената на биолошки терапии, матични клетки и други иновативни методи за лекување повреди и болести кои не можат да се излечат со конвенционални методи.

- Јас ја гледам регенеративната медицина како начин да се искористи способноста на телото да ги обнови сопствените ткива - вели д-р Томас Рандо, директор на Центарот за регенеративна медицина и истражување на матични клетки при „УКЛА“.

Повеќе од две децении овој центар ги здружува истражувачите од различни научни области за да ги проучуваат механизмите на болести, да развиваат нови терапии и да разберат како регенерацијата може да го забави стареењето.

Примери од практиката

Трансплантацијата на коскена срцевина, користејќи здрави матични клетки, се користи за лекување леукемија и други состојби. Принципите на регенеративната медицина даваат надеж дека телото ќе може да се излекува дури и кога тоа не е природно можно. На пример, срцето е орган кој не може сам да се регенерира.

- Кога имате срцев удар, тој дел од срцето умира и исчезнува. Моментално се спроведуваат истражувања за да се утврди дали можеме да создадеме нови срцеви клетки во Петриеви садови (стаклени или пластични цилиндрични садови за клеточни култури) и потоа да ги трансплантираме во срцето - вели д-р Рандо.

Под нормални услови, стареењето е корисно бидејќи го спречува ширењето на оштетените клетки. Имунолошкиот систем нормално ги чисти овие клетки, но со возраста станува помалку ефикасен, што резултира со акумулација на „зомби-клетки“. Овие клетки предизвикуваат хронично воспаление, ги оштетуваат здравите клетки и ја нарушуваат регенерацијата, што може да резултира со развој на дијабетес, рак и невродегенеративни заболувања.


Здравата исхрана, физичката активност и квалитетниот сон влијаат врз отстранувањето на овие оштетени клетки.

Истражувањето на д-р Рандо е фокусирано на регенерација на мускулите. Како што старееме, матичните клетки се помалку способни да ги регенерираат кожата, коските и мускулното ткиво. Тој проучува како можат да се подмладат старите матични клетки и да се користат за третман, вклучувајќи мускулни дистрофии и повреди.

Регенерација на белите дробови


Дури и кога трансплантациите на матични клетки се ограничени, тие нудат увид во тоа како функционираат ткивата. Во духот на регенерацијата на црниот дроб на Прометеј, д-р Бриџит Гомпертс се стреми да создаде човечки бели дробови во лабораторија. Од банката на белодробно ткиво, тој развива минијатурни 3Д-модели на бели дробови - органоиди во Петриеви садови. Органоидите помагаат во моделирањето на болестите, им помагаат на експертите да ги утврдат ефектите на токсините, како што е чадот од цигари, врз белите дробови и се корисни во тестирањето лекови.

Поточно, се изучува мукоцилијарното чистење, односно природниот систем со кој вирусите и бактериите се отстрануваат од респираторниот тракт.

Денешно истражување - идни лекови

Научниците вложуваат години во откривањето на клеточните механизми што ја формираат основата на медицината на иднината.

- Честопати не е доволно јасно колку години работа се потребни додека лекот не влезе во редовна употреба. Постојат децении истражувања зад трансплантацијата - вели д-р Рандо.

Иновациите што спасуваат животи денес произлегоа од работа направена пред 10 или 20 години, додава докторот.

Извор: eklinika.telegraf.rs

Фото: Freepik

Подготвил: Маја Пероска

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Здравје