Прашањето што ќе се случи ако вештачката интелигенција навистина им ги земе работните места на луѓето отвора дилема: што ќе прават тие и од што ќе живеат? Дел од научниците со години ја споменуваат идејата за универзален основен доход - пари што државата би им ги давала на сите граѓани, и на оние што се вработени и на оние што не се.
Во таков случај, државата би се погрижила луѓето што ќе останат без работа и нема повторно да најдат, да не живеат во сиромаштија, односно да имаат средства за основни потреби. Така изгледа теоретски.
Слични тестови се спроведени во практика, но на ограничен број луѓе и на ограничени подрачја, каде што учесниците добивале меѓу 500 и 1.500 долари месечно. Затоа останува прашањето какви заклучоци можат да се извлечат од нив.
Во иднина, во време кога вештачката интелигенција би можела да извршува поголем дел од работите што денес ги работат луѓето, ваквиот универзален доход би можел да стане реалност.
Според Мајлс Бриндаге, поранешен истражувач во „Опен АИ“, месечниот износ на таквиот доход би можел да достигне дури 10 илјади долари. Иако сега звучи речиси невозможно, тој е уверен дека правилата во ерата на вештачката интелигенција радикално ќе се променат.
Луѓето треба да се ослободат од обврската за работа
Во еден блог минатата година, додека сè уште работел во „Опен АИ“, Бриндаге напишал дека мора да се размислува за иднина во која луѓето нема да работат само за пари за преживување. Според него, човештвото треба да се ослободи од таа обврска.
Тој нагласува дека луѓето сè уште не се подготвени за такво нешто и дека тоа мора да стане дел од политичките дебати во следните години.
Сепак, неговата идеја се соочува со многу предизвици. Прво, од каде би добила државата толку многу пари за да им ги дели на луѓето? Второ, ако сите примаат големи износи секој месец, вредноста на тие пари би паднала бидејќи цените радикално би пораснале.
Покрај тоа, се поставува и прашањето што би правеле луѓето тогаш и дали би имале цел и смисла во животот. Иако замислата за месечни примања без работа е привлечна, останува дилемата со што луѓето би го исполнувале времето и што би ги правело среќни. Лежерност, патувања и забави звучат привлечно, но не е јасно колку долго може да се живее на тој начин бидејќи на сите ни е потребна цел, нешто што ќе нè тера да се чувствуваме корисни.
Ова се потенцијални проблеми со кои светот може да се соочи во иднина. За нив треба да се размислува уште сега, но истовремено постои и верување дека под влијание на вештачката интелигенција ќе се појават нови работни места - професии што денес не постојат, а за десетина години може да станат сосема вообичаени.
Извор:
Zimo.dnevnik.hr
Фото: Freepik