X
 26.08.2025 Живот

Во оваа компанија вработените сами си го организираат работното време: 32-часовна недела распоредена во 7 дена

Скратувањето на работното време и понатаму е тема за дискусија. Додека многу земји експериментираат со четиридневна работна недела, една британска компанија отиде чекор подалеку - им овозможи на своите вработени слободно да ја распределат 32-часовната работна недела, па дури и да ја распоредат во текот на седум дена, ако тоа им одговара.

Малата консултантска фирма „Лумен“ со седиште во Кардиф првично ја тестирала четиридневната работна недела. Резултатот бил: посреќни вработени, зголемена продуктивност и нула заминувања од работа.

Поттикната од овој успех, компанијата управувана од Алед Нелмс одлучила да направи нов чекор и да воведе 32-часовна работна недела без ограничувања во однос на деновите или часовите.

Секој вработен сега е слободен сам да го организира своето работно време, сè додека ги исполнува поставените цели. Единственото колективно правило е три часа неделно да се посветат на состаноци и обуки со целиот тим за да се обезбеди кохезија и комуникација.

Чин на доверба кон вработените


За извршниот директор на „Лумен“ ова е чин на доверба кон неговите вработени.

- Мислам дека премногу ги микроменаџираме нашите тимови. Погрешно претпоставуваме дека одреден распоред е најдобриот пат до продуктивност, но секој е различен - објаснува тој.

Затоа овој модел се темели на клучни квалитети: самодисциплина, автономија и организациски вештини. Не е погоден за сите, дел од вработените не успеале да се приспособат на ова ниво на слобода. Но, за оние што ги делат вредностите на компанијата, ваквиот пристап може да овозможи оптимален баланс помеѓу приватниот и професионалниот живот.

И покрај невидената флексибилност, поголемиот дел од вработените сепак останале верни на традиционалниот работен распоред, со повремени приспособувања за лекарски прегледи, распоред на децата, спортски активности и слично.

Други, како што наведува Нелмс, избираат да работат во недела, ден кога имаат поголем мир и концентрација. Според него, оваа флексибилност е голема предност за семејствата. Помалите временски ограничувања значат и помали трошоци за згрижување деца, за услуги за чистење или за воннаставни активности.

- Ако им дозволите на вработените да бидат добри родители, тие ќе бидат и добри работници - истакнува тој.

Модел што не е за сите


Овој модел е привлечен, но не е универзален. Тој е наменет за работни места во секторот на услуги кои се компатибилни со работа од дома и управување според цели: консултантски компании, маркетинг-агенции, технолошки фирми и слично. Во сектори кои бараат постојано физичко присуство, како угостителство, градежништво или индустрија, овој пристап е неприменлив.

Со ова „Лумен“ нуди пример за радикална флексибилност, која би можела да ја редефинира работната организација во одредени компании под услов да се направи вистинскиот избор: доверба во вработените што се способни за автономија и посветеност.

Извор: Evidencenetwork.ca/
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот