X
 26.09.2025 Живот

Враќање на „Ориент експрес“ - Како изгледа патување со воз што чини повеќе од 11.000 евра?

Возот „Ла долче вита“ беше пуштен во сообраќај во април со цел да го оживее гламурот на оригиналниот „Ориент експрес“, како и романтизираниот концепт на италијанскиот „сладок живот“ и тоа како одговор на растечката побарувачка за бавни, луксузни патувања.

Составен е од реновирани вагони што биле во употреба на италијанската железница во 60-тите години, а во последниве неколку месеци возот превезувал патници на различни патувања: низ винскиот регион на Тоскана до Венеција и по должината на лигуриската ривиера. Сите возења биле распродадени, и покрај високата цена. Тридневното патување од Сицилија до Рим (со две ноќевања) чини од 11.280 евра по лице.

Патување што започнало во 1883 година


Оригиналниот „Ориент експрес“ го започнал своето прво патување во 1883 година и поминувал низ голем дел од Европа на долга маршрута што се протегала од Париз до Истанбул. Со патувањето се раѓале и многу приказни, а возот станал и сценографија за една од најпознатите мистерии на Херкул Поаро, пред да престане да сообраќа во 2009 година откако станал жртва на брзите железници и евтините летови.

Но, се покажа дека патниците и понатаму копнеат по носталгични авантури со висок квалитет, далеку од хаосот на аеродромите и преполнетите туристички дестинации.

- Во 1883 година „Ориент експрес“ станал првиот начин за луксузно бавно патување - вели Стефано Сгамбелеоне, управник на возот „Долче вита“, кој со години работел за „Венис симплон-ориент-експрес“ - луксузна железничка служба.

 

- Денес, бавното патување е многу попопуларно - додава Стефано.

- Пазарот на ултралуксузни возови постојано расте, а побарувачката за железнички искуства значително се развива. Но, патувањата не се резервирани само за милионери. Постојат многу луѓе со време и ресурси кои бараат искуство, а Италија, со својот долг брег и прекрасни пејзажи надвор од големите градови, нуди совршен пакет - потврдува Дарио Минутела, аналитичар за луксуз и мода.

Иако „Венис симплон-ориент-експрес“ најмногу се фокусира на искуството во возот, патувањето вклучува и излети надвор од него: часови по готвење локални јадења, истражување на средновековни градови и вечери во приватни венецијански куќи.

- Луѓето го избираат „Долче вита“ не само поради самиот воз, кој е прекрасен, туку и затоа што тоа е најдобриот начин да се открие Италија - вели Сгамбелеоне.

Извор: Nova.rs
Фото: Orient-express.com
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Живот