X
 26.11.2019 Наука

Од кој факултет доаѓа академик Љупчо Коцарев, новиот претседател на МАНУ

Широк е научниот интерес на Коцарев, пишува во неговата биографија објавена на интернет-страницата на Академијата

Сестраниот научник, академик Љупчо Коцарев е избран за нов претседател на Македонската академија на науките и уметностите на изборното собрание на највисоката научна институција во земјава, кое се одржа вчера. Мандатот ќе му почне на 1 јануари, а ќе го замени актуелниот претседател Таки Фити.

На собранието за потпретседатели беа избрани академиците Живко Попов и Газанфер Бајрам. Научен секретар на Академијата ќе биде Изет Зекири. Во четиригодишниот мандат на новото раководство за членови на претседателството на МАНУ се избрани академиците: Катица Ќулавкова, Абдулменав Беџети, Владимир Серафимовски, Леонид Грчев, Глигор Јовановски, Радован Павловски и Момир Поленаковиќ.

Академик Коцарев доаѓа од одделението за технички науки при МАНУ. Роден е во Скопје во 1955 година. Во родниот град завршил основно и средно образование и дипломирал на Електротехничкиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Магистрирал на електротехничкиот факултет во Белград, а докторирал на Институтот за физика при Природно-математичкиот факултет во Скопје. Од 1985 до 1999 година бил вработен на ЕТФ, а од 2007 година до денес е дел од кадарот на Факултетот за информациски науки и компјутерски технологии (ФИНКИ).

Според податоците објавени на интернет-страницата на МАНУ, академик Коцарев од 1999 до 2016 година бил вработен на Универзитетот „Калифорнија“ во Сан Диего, САД. Остварил студиски престои и во Германија, Италија, Унгарија, Шпанија, Јапонија. Од 2006 година е избран за член на Друштвото на електроинженерите во САД.

- Широк е научниот интерес на Коцарев. Опфаќа повеќе подрачја од физика, технички и компјутерски науки – нелинеарна физика, комплексни системи и мрежи, електрични кола и системи, теории на информации и криптографија, машинско учење, обработка на податоци и наука за податоци - пишува во биографијата на Коцарев.

Автор е на повеќе од 160 труда, голем дел од нов објавени во списанија со импакт-фактор. Неговите публикации се цитирани 6.384 според Web of Science, а според Google Scholar цитирани се 11.248 пати. Академик Коцарев соработувал со истражувачи од САД, Русија, Кина, Јапонија, Германија, Италија, Шпанија и од многу други земји. Денес е раководител на многу проекти финансирани од Европската Унија, САД, Германија, НАТО и др. За член на МАНУ надвор од работниот состав е избран во 2003 година, а за редовен член во 2007 година.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука