X
 26.11.2025 Наука

Женка орангутан ја посвоила својата помала сестра по смртта на нивната мајка

На прв поглед, Роса и Рони изгледале како секоја друга мајка и ќерка орангутани. Речиси сѐ правеле заедно и спиеле во исто гнездо навечер. Роса ја носела Рони низ шумата.

Но, за еволутивниот биолог Ејми Скот деталите не се поклопувале. Наводната мајка изгледала премногу млада. Кога Ејми ги проучувала борнејските орангутани во Индонезија, постојано размислувала за тоа дека Роса имала бели делови околу очите, а устата ѝ била посветла. Токму затоа постојано си го поставувала прашањето: „Како е возможно Роса да има 6-годишно дете?“

Генетската анализа открила дека Роса и Рони се сестри, а постарата сестра ја посвоила помалата по исчезнувањето на нивната мајка.

Иако луѓето имале можност да сведочат за посвојување кај други големи мајмуни, ова бил првиот детално документиран случај на посвојување кај орангутаните, чиј уникатен начин на живот може особено да го отежни преживувањето на мајмун кој останал без мајка.

Детективска работа

Сите големи мајмуни многу зависат од мајките, но орангутаните најдолго се дојат. Забележано е дека мајките ги дојат младите до девет години. И овие мајки се сами: за разлика од шимпанзата, бонобоата или горилите, кои живеат во групи, орангутаните претежно живеат сами. Мајката може да патува со едно или две деца, но во принцип живее сама.

Во националниот парк „Гунунг Палунг“ во Индонезија, каде што живеат Роса и Рони, антропологот Черил Нот од Универзитетот во Бостон, започнал да води проект за проучување на орангутаните уште во 1994 година. 

- Имаме само мал дел од нивниот живот кој навистина можеме да го набљудуваме - вели Нот.

Преку анализа на ДНК-примероци, било откриено дека Роса не е мајка на Рони, туку ѝ е полусестра. Скот вели дека се чувствувала како детектив додека ги собирала трагите и податоците.

- Беше навистина забавно. Одеднаш работите добија смисла - вели таа. Тимот открил дека кога мајката починала (веројатно од старост), двете сестри се обединиле, а Роса почнала да се однесува кон Рони како кон ќерка.

- Објавувањето на првиот документиран случај на посвојување кај орангутаните е навистина возбудлив момент. И покрај тоа што долго време ги изучуваме мајмуните во дивината, сè уште има многу нешта што не ги знаеме за нив - вели Рачна Реди, биолошки антрополог на Универзитетот во Јута и истражувач на институтот „Харвард Редклиф“.

Во своето истражување во Уганда, Реди проучувала четири адолесцентни машки шимпанза кои ги посвојувале помалите браќа по смртта на мајките. Помалите шимпанза често оделе кај постарите за утеха, а адолесцентите понекогаш плачеле кога не можеле да ги најдат своите помали браќа.

Растење заедно


Сестрите се движеле низ шумата малку подалеку една од друга, но Роса била неверојатно грижлива на други начини, како што е делење храна.

Роса не покажувала знаци на стрес додека се грижела за својата сестра. Во 2019 година таа родила. Иако почнала да користи посебно гнездо навечер и спиела сама со бебето, сепак ѝ дозволила на Рони да остане покрај нив.

- Се однесуваше како многу толерантна мајка и ѝ дозволи на својата сестра да се дружи со нив - вели Нот. Сепак, до почетокот на 2020 година Рони очигледно ја напуштила својата сестра за да започне живот како возрасен орангутан.

Веројатно не би преживеала без присуството и грижата на поголемата сестра.

Ова истражување открива дека овој вид мајмуни имаат повеќе начини да се грижат за семејствата отколку што луѓето можат да видат. 

Извор: National Geographic
Фото: Freepik
Подготвил: Тамара Гроздановски

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Наука