X
 27.01.2020 Образование

НАкС и СОНК првпат се здружија во борбата против ректорите и МОН

НАкС за утре во 10 часот има договорено состанок со министерот за образование и наука Арбер Адеми

Притисоците за вработените во високообразовните институции да пристапат во новите синдикати кои сè уште не се регистрирани, за да добијат зголемување на платите од 10%, првпат ги обединија најголемите синдикални организации СОНК (Синдикат на образование, наука и култура) и НАкС (Независниот академски синдикат), кои јавно добија поддршка и од други синдикални организации во земјава. На денешната прес-конференција, која симболично се одржа покрај Споменикот на синдикалното движење меѓу двете светски војни во центарот на Скопје, раководителите на двете организации најавија дека нема да попуштат под притисоците, а веројатно и ќе се здружат за да ја докажат репрезентативноста на нивните членови. НАкС за утре во 10 часот веќе има договорено состанок со министерот за образование и наука Арбер Адеми.

Претставниците на синдикатите

Синдикатите минатата недела бараа прием кај Адеми, кој до петокот беше на службен пат во странство. Проблемите настанаа откако ректорите на двата најголеми јавни универзитета во земјава, по средбата со Адеми, им наложиле на раководителите на помалите единици на универзитетите да формираат синдикати за да потпишат колективен договор, за да се зголемат платите за 10%. Овој чекор ги вознемири постојните синдикати кои со децении преговараат и се обидуваат да се договорат со МОН за колективен договор.

Проф. д-р Елена Џукеска, в.д. претседателка на НАкС, повтори дека во тек е акција за организирање и основање нов синдикат на јавните универзитети со единствена цел – зголемување на платата за 10%.
- Нема сомнение дека овој синдикат може да биде единствено таканаречен затоа што зад иницијативата на неговото основање не стои ниту еден, ниту група вработени, ниту иницијативен одбор, туку работодавецот, кој е лично претставен преку ректорската управа, генералниот секретар, деканите итн. Згора на тоа, преку дописите што ги добивме бевме известени дека оваа акција се спроведува со знаење и во координација со Министерството за образование и наука. Ова не е само заобиколување на постојните синдикати, туку и директно кршење на Законот за работни односи. Членот 195 експлицитно забранува работодавецот да се меша во основањето и функционирањето на синдикатите. И покрај нашето укажување, акцијата сè уште е во тек. Поддршка имаме од многу синдикати во земјава. Не сме уплашени, свесни сме дека заедно сме посилни и цврсто сме убедени дека академската заедница заслужува многу повеќе од 10% - рече Џукеска.

Споменикот на синдикалното движење

Таа нагласи дека очекуваат надлежните да преземат мерки, особено го повика Министерството за труд и социјална политика да биде внимателно при запишувањето на нов синдикат во Регистарот за синдикати и да провери дали се испочитувани законските норми.

Според Јаким Неделков, претседател на СОНК, обидот за формирање нов синдикат од страна на работодавец е само упад во синдикалното организирање и дејствување.
- Тоа е лоша порака за демократизацијата на синдикалното движење, за демократските односи во држава која е на прагот за влез во Европската Унија. Ги повикуваме оние што го направија и сè уште се обидуваат да го направат ова, да прекинат со таквата намера. Ние веќе ги информиравме европските и светските синдикати-пријатели, укажавме на состојбите во Македонија, верувам дека брзо ќе реагираат во рамките на нивните надлежности и дека ова ќе биде лоша порака и лош сигнал за Македонија. Ова е знак дека нешто ново се случува во Македонија на синдикалната сцена. Деновиве ќе излеземе со изјавата дека двата синдиката ќе го искористат законското право и ќе се здружат, ќе го докажат својот легитимитет, т.е. репрезентативност на ниво на работодавец - рече Неделков.
Подготвил: В.И.И. / vesna.ivanovska@fakulteti.mk

Издвојуваме

Слични вести од Fakulteti.mk

Образование